Турција

Ердоган: „Стабилноста на БиХ е исклучително значајна за стабилноста на цела Европа“

Ердоган истакна дека БиХ претставува вистински мозаик на Балканот, поради што мирот и стабилноста во Босна и Херцеговина е од големо значење за мирот во цела Европа, а не само во тој регион

02.05.2019 - Обновена : 04.05.2019
Ердоган: „Стабилноста на БиХ е исклучително значајна за стабилноста на цела Европа“

АНКАРА (АА) - Претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, по состанокот со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик и Шефик Џаферовиќ, изјави дека Турција силно го поддржува членството на БиХ во НАТО сојузот, напоменувајќи дека стабилноста на БиХ е од исклучително значење за стабилноста на цела Европа, јавува Anadolu Agency (AA).

„Сакаме што е можно поскоро да се формира власта во БиХ без меѓусебни обвинувања, и лидерите што поскоро да се фокусираат на процесот на реформи, интеграцијата на БиХ во евроатланските институции и членството во НАТО за што Турција пружа голема поддршка“, рече Ердоган на прес-конференцијата.

Нагласи дека Турција ќе обезбеди секаков вид на поддршка со цел проектот за гасоводот „Турски тек“ да минува и низ Босна и Херцеговина.

Тој истакна дека БиХ претставува вистински мозаик на Балканот, поради што мирот и стабилноста во Босна и Херцеговина е од големо значење за мирот во цела Европа, а не само во тој регион.

„Нашите односи со Босна и Херцеговина се секогаш приоритет. Имавме многу конструктивни разговори и ги разгледавме потребните чекори за унапредување на веќе одличните односи кои ги имаме. Потврдивме дека Турција ќе продолжи да вложува напори за стабилноста на Босна и Херцеговина, за зајакнување на економската соработка што ќе придонесе за внатрешно-политичката ситуација и напредокот на целото општество', рече Ердоган.

Тој додаде дека денеска во Анкара е потпишан и Договорот за слободна трговија, што ќе придонесе за трговска размена од милијарда евра, напоменувајќи дека веќе се дадени потребни упатства за увоз на месо од Босна и Херцеговина.

„Автопатот Сараево - Белград, исто така, ќе придонесе за развојот на цела БиХ. Во тој контекст, денес потпишавме и Меморандум за разбирање. Разговаравме и за прашањата на енергетиката, туризмот, земјоделството и сточарството. Продолжуваме да ги поттикнуваме приватните компании да вложуваат во БиХ“, рече турскиот претседател.

Тој истакна дека за време на средбата со членовите на Претседателството на БиХ разговарал за регионални и меѓународни теми, вклучувајќи го и зајакнувањето на регионалната соработка на Балканот.

„БиХ зазема посебно место во нашите срца и затоа вложуваме големи напори да придонесеме за решавање на сите проблеми со кои се соочува Босна и Херцеговина, како да се работи за нашите лични проблеми. Ќе продолжиме да пружаме секаков вид поддршка и помош на Босна и Херцеговина“, рече Ердоган.

Да потсетиме, претседателот на Република Турција, Реџеп Таип Ердоган, и претседавачот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик, денеска во Анкара го потпишаа ревидираниот Договор за слободна трговија меѓу Турција и Босна и Херцеговина.

Претседавачот и членот на Претседателството на Босна и Херцеговина, Милорад Додик и Шефик Џаферовиќ и претставникот на Парламентарното собрание Жељко Комшиќ, престојуваат во официјална посета на Анкара.

По церемонијата на свечениот пречек со воени почести пред Претседателската палата во Анкара, уследи состанокот на членовите на Претседателството на БиХ со Ердоган, по што се одржа состанок на делегациите на Турција и Босна и Херцеговина.

Во фокусот на разговорите за време на посетата беше ревидиран Договорот за слободна трговија меѓу БиХ и Турција, кој денес е потпишан. Потпишан е и Меморандум за разбирање во врска со изградбата на автопатот Белград - Сараево, со кој е предвидена динамизација на процесот на изградба на делот на патот кој минува низ Босна и Херцеговина.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın