Месут Озил пристигна во Истанбул: „Секогаш навивав за Фенербахче, ова е остварување на сонот“
„Многу сум возбуден, секогаш навивав за Фенербахче. Ова не е остварување на сонот само за Фенербахче, ова е остварување на сонот и за мене“, изјави Озил по доаѓањето во Истанбул.

ИСТАНБУЛ
Во рамките на продолжувањето на преговорите за трансфер во истанбулскиот Фенербахче, Месут Озил во раните утрински часови со приватен авион од Лондон допатува во Истанбул, јавува Агенција Анадолија (АА).
Озил на Аеродромот „Ататурк“ во Истанбул го дочека делегацијата на истанбулскиот клуб, која се состои од членовите на Управниот одбор на Фенербахче, Мустафа Кемал Данабаш и Селахатин Баки, и спортскиот директор и славен турски фудбалер Емре Белозоглу.
Во рамките на протоколите за Ковид-19, Озил во Лондон, каде што претходно настапуваше за Арсенал, во својот дом беше во четиридневен карантин, по кој дојде во Истанбул, каде што исто така ќе биде во карантин во согласност со наредбите на Министерството за здравство на Турција.
Славниот фудбалер по доаѓањето на аеродромот изјави дека евентуалниот трансфер во Фенербахче за него е остварување на сонот.
„Многу сум возбуден, секогаш навивав за Фенербахче. Ова не е остварување на сонот само за Фенербахче, ова е остварување на сонот и за мене. Сакам да го облечам дресот и се надевам дека со тимските колеги ќе бидеме успешни. Немам ништо да додадам од силна возбуда“, изјави Озил по доаѓањето во Истанбул.
Озил изрази благодарност и до навивачите на Фенербахче, кои му пружија голема поддршка и изразија желба да го видат во дресот на истанбулските „жолто-сини“.
Емре Белозоглу изрази надеж дека процедурата околу трансферот на Озил во Фенербахче ќе биде успешна во потполност.
„Се надевам на годините во кои заедно ќе ги освојуваме трофеите. Месут е една од најголемите ѕвезди на фудбалот на оваа наша земја, но и на светот. Пред нас се два-три дена процедура, потоа ќе излеземе со заедничка изјава“, изјави спортскиот директор на турскиот суперлигаш.
Озил, кој е најплатен играч во историјата на Арсенал, играше во секој натпревар на Премиер лигата под водство на Микел Артет сè додека во март минатата година сезоната не запре поради пандемијата на Ковид-19, а оттогаш не се појави на теренот.
Озил за време на кариерата играше за Шалке 04, Вердер, Реал Мадрид и Арсенал во кој пристигна во 2013 година. За Арсенал одигра 254 натпревари и постигна 44 голови. Во дресот на германската репрезентација, од кој се збогуваше во 2018 година, играше 92 пати со 23 погодоци.