Истанбулскиот музеј на водата со над 3.000 предмети ја раскажува нејзината историја
Во тематската колекција на музејот се наоѓаат бројни елементи поврзани со водата во секојдневниот живот, почнувајќи од чистотата и културата на амамите, до садови за пиење, лекување и верски обреди, чешми...
ИСТАНБУЛ (АА) - Музејот на водата во Истанбул, кој изложува илјадници предмети, почнувајќи од чешми што датираат од римскиот, византискиот и османлискиот период, па сè до „лековити“ чинии стари 700 години, ја осветлува 2.000-годишната цивилизациска приказна на водата, јавува Анадолу.
Основачот и претседател на Истанбулскиот музеј на водата, Ерџан Топчу, во изјава за АА истакна дека потекнува од семејство кое 45 години се занимава со производство на водоводни инсталации.
„Нашето семејство има фабрика која веќе 45 години произведува водоводни инсталации. Таа култура на чување која ја негуваат веќе 4-5 генерации, ја поврзавме со нашата професија и почнавме да собираме предмети поврзани со водата. Веќе 30 години собираме предмети“, рече тој.

Топчу посочи дека во тематската колекција на музејот се наоѓаат бројни елементи поврзани со водата во секојдневниот живот, почнувајќи од чистотата и културата на амамите, до садови за пиење, лекување и верски обреди, чешми, фонтани и диспензери, како и разни предмети, слики, гравури, разгледници и ефемерни материјали.
- „За 20 години се собрани над 3.000 предмети“ -
Говорејќи за тоа како настанала идејата за музејот, Топчу рече:
„Дипломирав медицина во Бурса во 1989 година, оттогаш дури имав некои зачувани предмети од амами. На пример, мали чешми, османлиски чешми во стилот на Сулејманије. Бидејќи во семејството постоела култура на зачувување, отсекогаш сме биле опкружени со вакви предмети. Почнавме да собираме предмети поврзани со водата. Пред 20 години добивме ‘Сертификат за регистрирано подвижно културно и природно наследство’ од Музејот на турски и исламски дела. Сакавме да ѝ дадеме институционален идентитет на колекцијата поради што ја именувавме по нашата компанија, за да ја носиме кон иднината. Во тој период се собрани над 3.000 предмети. Тука нема само османлиски предмети, туку и од раниот републикански период, османлискиот период, византискиот, селџучкиот и доцноримскиот период, односно речиси 2.000 години историја на човекот и водата.“

Топчу додаде дека досега организирале седум изложби и дека во 2021 година колекцијата официјално била регистрирана како музеј, додавајќи: „Конечно, го отворивме нашиот Музеј на водата во Истанбул. Официјалното отворање не се одржа бидејќи се совпадна со пандемијата на Ковид-19. Сепак, имаме многу посетители и од Турција и од странство, а влезот е бесплатен. Моментално се наоѓаме во организираната индустриска зона Икители во Башакшехир.“

- Свесност за штедење вода -
Како производител на арматури, Топчу објасни дека работат на развој на штедливи и „паметни“ чешми. „Според стандардите на ТСЕ, вообичаена чешма троши 12-15 литри вода во минута, додека кај некои од нашите модели ја намаливме потрошувачката до 4 литри“, изјави Топчу.
Тој истакна дека во основањето на музејот голем придонес имал неговиот брат Реџеп Али Топчу, кој починал минатата година.
