Приведените активисти од бродот за помош за Газа петти ден штрајкуваат со глад во израелски затвор
Бродот за помош исплови од Италија во обид да ја пробие повеќемесечната израелска опсада што го доведе 2,4-милионското население на Газа на раб на глад

ИСТАНБУЛ (АА) – Странските активисти приведени од бродот за хуманитарна помош за Газа продолжуваат веќе петти ден да штрајкуваат со глад, во знак на протест поради нивното притворање од страна на Израел, соопштија организаторите, јавува Анадолу.
Бродот „Хандала“, кој превезуваше бебешка формула, храна и лекови, беше запленет од израелските сили во близина на брегот на Газа на 26 јули, со 21 невооружен цивил на бродот, меѓу кои пратеници, медицински лица и волонтери.
Коалицијата „Флотила на слободата“ соопшти дека американскиот државјанин Кристијан Смолс и Тунижанецот Хатем Ауини сè уште се во израелски притвор во затворот „Гивон“ во Рамла, Централен Израел.
Петмина активисти утринава се пренесени на аеродромот за итна депортација, се додава. Сите други активисти се депортирани во нивните матични земји.
Бродот за помош исплови од Италија во обид да ја пробие повеќемесечната израелска опсада што го доведе 2,4-милионското население на Газа на раб на глад.
Последните месеци Израел во меѓународни води пресретна повеќе бродови со хуманитарна помош што се упатуваа кон Газа.
Во јуни израелските сили го запленија патот „Мадлин“, притворајќи 12 меѓународни активисти, меѓу кои и шведската активистка Грета Тунберг и француската пратеничка во Европскиот парламент, Рима Хасан. Еден месец претходно бродот „Совест“ беше нападнат од беспилотни летала во близина на Малта.
Израел воведува блокада на Газа веќе 18 години, а од 2 март ги затвори сите премини, блокирајќи го влезот на конвоите со хуманитарна помош и игнорирајќи ги меѓународните повици за нивно повторно отворање.
Според Министерството за здравство на Газа, најмалку 154 лица починале од глад од октомври 2023 година, од кои 89 деца.
Отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, израелската армија спроведува брутална офанзива во Газа од 7 октомври 2023 година, во која се убиени над 60.100 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата поради своите воени дејства во енклавата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.