Маскиран напаѓач пукаше кон имам во Јута за време на Рамазан
- Цел на нападот, кој се случил во понеделникот вечерта во областа на Солт Лејк Сити, бил Шуаиб Дин, имам и водач на Исламскиот центар Јута, најголема џамија во државата
ВАШИНГТОН (АА) - Маскиран напаѓач испукал повеќе куршуми кон муслимански верски лидер пред неговиот дом во американската сојузна држава Јута за време на светиот месец Рамазан, соопштија властите и локалните медиуми, јавува Анадолу.
Цел на нападот, кој се случил во понеделникот вечерта во областа на Солт Лејк Сити, бил Шуаиб Дин, имам и водач на Исламскиот центар Јута, најголема џамија во државата. Тој не е повреден, но неговото возило е погодено повеќепати, објави весникот „Солт Лејк трибјун“, повикувајќи се на полицијата.
Дин за весникот изјавил дека маж седел во автомобил пред неговиот дом, а потоа отворил оган додека тој излегувал за да присуствува на вечерната молитва.
„Го знаеше мојот дом, го знаеше мојот автомобил, го знаеше мојот распоред“, изјавил Дин.
Тој посочил дека го прекинал постот со семејството во домот, што е на околу две минути од џамијата. Кога излегол од гаражата, напаѓачот, облечен со маска и дуксер, излегол од возилото и испукал повеќе куршуми пред да побегне.
Откако се јавил на 911, Дин се обидел да ја забележи регистарската табличка на осомничениот. Според неговите зборови, напаѓачот се вратил, застанал покрај неговото возило и испукал најмалку уште осум куршуми.
Куршумите ги погодиле предните и задните седишта, како и шофершајбната. Дин се обидел да го следи напаѓачот, но подоцна се откажал.
Полицијата соопшти дека засега нема приведено осомничен. Подоцна биле објавени фотографии на возилото за кое се верува дека му припаѓа на напаѓачот – бел патнички автомобил што можеби има оштетување или лабав дел под предниот десен браник.
Исламскиот центар Јута во соопштението им се заблагодари на органите на редот и ја повика јавноста да избегнува шпекулации, додавајќи дека ќе бидат воведени засилени безбедносни мерки во џамијата.
Советот за американско-исламски односи, најголема муслиманска организација за граѓански права во САД, понуди награда од 5.000 долари за информации што ќе доведат до приведување и осуда на сторителот, како и зголемена полициска заштита за Дин и муслиманската заедница.
Градоначалничката на Сенди, Моника Золтански, изјави дека градските власти се „длабоко вознемирени“ од инцидентот, истакнувајќи дека се случил за време на Рамазан – месец на пост, молитва и духовна рефлексија.
Дин рече дека не знае кој стои зад нападот и посочи дека е можно да станува збор за злосторство од омраза.
„Бев навистина потресен“, изјави тој.
