Изгладнетите жители на Газа чекаат со часови за да добијат мала порција оброк
- Палестинката Лина ал-Зарбатли, мајка од Газа, апелира до светот, нагласувајќи „Сакаме само храна и вода за нашите деца. Тоа го бараме. Малку вода… малку достоинство“.

СКОПЈЕ (АА) - Палестинците во Газа се борат да добијат мали порции оброк од хуманитарната помош на улицата Ал-Вахда, додека израелската блокада продолжува, јавува Анадолу.
Палестинските мајки сѐ погласно го изразуваат својот очај бидејќи Израел и понатаму не дозволува влез на основни продукти во опколената енклава.
„Од седум часот наутро чекаме ред за храна и така до четири или пет попладне“, раскажува Ханади Убајд, мајка од Газа, опишувајќи ја тешката реалност со која секојдневно се соочуваат.
Убајд зборува за обидите да ги утеши своите деца со лажни ветувања.
„Јас сум мајка. Децата ме прашуваат: ‘Мамо, кога ќе имаме леб?’ Воопшто го нема. Секој ден велиме: ‘Утре, задутре, за еден час’… но тоа се празни зборови“, додава таа.
Лина ал-Зарбатли, друга мајка од Газа, упати апел до светот, нагласувајќи дека бараат само основно.
„Сакаме само храна и вода за нашите деца. Тоа го бараме. Малку вода… малку достоинство“, изјави таа.
Министерството за здравство на Газа во неделата соопшти дека од октомври 2023 година, кога Израел ја засили блокадата и го ограничи пристапот до хуманитарна помош, 86 Палестинци починале од глад и неисхранетост, меѓу кои 76 деца.
Министерството соопшти дека 18 лица починале од глад во последните 24 часа, нарекувајќи ја ситуацијата „тивок масакр“ што се одвива под долготрајната опсада.
Во текот на изминатата недела палестинските активисти веќе документираа случаи на луѓе што паѓаат на улиците од глад, а дописникот на Анадолу во Газа сведочи дека и лично ги чувствува последиците од гладот.
Од 2 март Израел ги затвори сите премини во Газа, при што е блокирано доставувањето храна, медицинска и хуманитарна помош.
Според владината Канцеларија за медиуми на Газа, околу 650.000 деца се изложени на ризик да починат од глад и неисхранетост, а околу 60.000 бремени жени се соочуваат со сериозни ризици поради недостиг на храна и основна здравствена заштита.
Израел уби над 59.000 Палестинци, повеќето жени и деца, во Појасот Газа од октомври 2023 година. Воената кампања ја разори енклавата, го уништи здравствениот систем и доведе до сериозен недостиг на храна.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенџамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со случај на геноцид во Меѓународниот суд за правда за неговата војна во енклавата.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.