Шпигел: Европските лидери имаат длабока недоверба кон САД во врска со Украина
- Според записникот од разговорот до кој дојде списанието „Шпигел“, германскиот канцелар Мерц, францускиот претседател Макрон, украинскиот претседател Зеленски и неколку високи европски политичари одржале таен телефонски разговор
БЕРЛИН (АА) - Се тврди дека европските шефови на држави и влади имаат длабока недоверба кон САД во врска со мировните средби што се водат меѓу Русија и Украина, известува Анадолу.
Според записникот од разговорот до кој дојде списанието „Шпигел“, германскиот канцелар Фридрих Мерц, францускиот претседател Емануел Макрон, украинскиот претседател Владимир Зеленски и неколку други високи европски политичари одржале таен телефонски разговор во врска со актуелните мировни преговори меѓу Русија и Украина.
За време на разговорот биле упатени строги предупредувања дека САД може да ги измамат Украина и Европа и била изразена длабока недоверба кон САД.
Во транскриптот од телефонскиот разговор напишан на англиски јазик е наведена изјавата на Макрон, кој вели:
„Постои можност САД да ја предадат Украина по прашањето за територијата без да се разјаснат безбедносните гаранции“.
„Тие играат игри и со вас и со нас“, истакнал канцеларот Мерц, осврнувајќи се на Стив Виткоф, специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп и неговиот зет Џаред Кушнер, двајцата американски преговарачи што ги водат разговорите за мировниот план меѓу Русија и Украина.
Полскиот премиер Доналд Туск, италијанската премиерка Џорџа Мелони, данската премиерка Мете Фредериксен, норвешкиот премиер Јонас Гар Сторе, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и претседателот на Советот на ЕУ, Антонио Коста, исто така, учествуваа во разговорот.
Во записникот, исто така, е забележано дека финскиот претседател Александар Стаб рекол:
„Не смееме да ги оставиме Украина и Владимир сами со овие луѓе“, како и дека генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, се согласил со гледиштето на Стаб, велејќи:
„Се согласувам со Александар, треба да го заштитиме Владимир.“
Во веста се коментира дека изјавите наведени во записниците покажуваат дека Европејците не им веруваат на американската администрација и на преговарачите Виткоф и Кушнер.
