İlayda Çakırtekin
04 Декември 2025•Ажурирај: 05 Декември 2025
ИСТАНБУЛ (АА) – Новото истражување објавено денес покажа дека речиси половина од Европејците го сметаат американскиот претседател Доналд Трамп за „непријател на Европа“, а мнозинството веруваат дека ризикот од отворена војна со Русија во следните години е „висок“, јавува Анадолу.
Според анкетата „Еуробазука“, објавена од француските Кластер 17 и Гранд Континент, 48% од испитаниците го гледаат Трамп како „непријател на Европа“, што е зголемување од четири процентни поени во споредба со претходното истражување спроведено во септември.
Анкетата дополнително покажува дека 51% од Европејците сметаат дека веројатноста за отворена војна со Русија во блиска иднина е „висока“, а 18% проценуваат дека ризикот е „многу висок“.
Две третини од испитаниците, или 69%, не веруваат дека нивната земја би можела самостојно воено да се одбрани во случај на руски напад. Овој процент е највисок во Португалија, Италија и Белгија, каде што надминува 80%.
Истражувањето посочува дека 55% од Европејците се залагаат за одржување еднаква дистанција и од САД и од Кина наместо за свртување кон една од двете сили.
Поддршката за останување во Европската Унија изнесува 74%, а 19% би гласале за излегување. Франција се издвојува со најслаба поддршка за членството – 27% би сакале земјата да ја напушти Унијата, а 12% се неопределени.
Анкетата, исто така, открива дека 63% од Европејците го сметаат Брегзит за неуспех и оценуваат дека излегувањето има негативно влијание врз Обединетото Кралство.
Истражувањето било спроведено во девет европски земји: Франција, Италија, Шпанија, Германија, Полска, Португалија, Хрватска, Романија и Грција.