свет

Формирана коалиција од 190 земји и организации за „напуштање на јагленот“

„Овој развој е пресвртница за нашите глобални напори за борба против климатските промени. Ваквите изјави укажуваат дека на повидок е крајот на јагленот. Светот се движи во вистинската насока.“

Nuran Erkul Kaya  | 04.11.2021 - Обновена : 05.11.2021
Формирана коалиција од 190 земји и организации за „напуштање на јагленот“

ГЛАЗГОВ (АА) - На самитот на Обединетите нации за климата 190 земји и организации формираа коалиција за напуштање на јагленот, кој се смета за најодговорен за климатските промени, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Британската влада ја објави изјавата „Трансформација од јаглен во чиста енергија“ на 26. Конференција на Рамковната конвенција на Обединетите нации за климатски промени (КОП26), со која претседаваше оваа година.

Според соопштението, 190 земји, финансиски институции и организации формирале глобална коалиција за постепено отстранување на јагленот.

Списокот на земјите и организациите за кои станува збор не е споделен.

Осумнаесет земји, меѓу кои и Полска, Украина, Чиле, Мароко и Виетнам, за првпат соопштија дека се обврзуваат за отстранување на јагленот од нивните електроенергетски системи меѓу 2030 и 2040 година.

Формираната коалиција и објавените заложби вклучуваат стопирање на домашни и странски инвестиции кои употребуваат јаглен во производството на електрична енергија, забрзување на производството на електрична енергија од чисти извори и обезбедување транзиција од јаглен во чиста енергија за работниците и заедниците.

Според Парискиот договор, за да се стави крај на порастот на глобалната температура за 1,5 степени Целзиусови, транзицијата во чиста енергија треба да се случи 4 до 6 пати побрзо од сегашната ситуација.

Британскиот министер за бизнис, енергетика и индустриска стратегија, Кваси Квартенг, истакнувајќи дека јагленот нема место во идното производство на енергија, рече: „Овој развој е пресвртница за нашите глобални напори за борба против климатските промени. Ваквите изјави укажуваат дека на повидок е крајот на јагленот. Светот се движи во вистинската насока.“

Дејв Џонс, глобален директор на тинк-тенк организацијата „Ембер“ со седиште во Лондон, наведе дека обврските ќе помогнат да се обезбеди исфрлање на јагленот на сите континенти.

„Итната транзиција кон производство на чиста електрична енергија е исто така најдобра опција за економијата, здравјето и климата. Овие обврски се резултат на долгогодишна работа. Од усвојувањето на Парискиот договор, прашањата поврзани со јагленот се фокусираа кон тоа да не се градат нови погони за јаглен. Сега се фокусираме да се обезбеди напуштање на јагленот.“

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.