ОН известува за „вистински напредок во испораката на помош во Газа“ и покрај прекинот на огнот
- „Првпат од март во Газа е донесен гас за готвење“, соопшти Канцеларијата на ОН за координација на хуманитарни прашања, истакнувајќи дека во Газа се доставени повеќе шатори за раселени семејства, замрзнато месо, свежо овошје, брашно и лекови.

ХАМИЛТОН (АА) - ОН вчера објави значителен напредок во хуманитарните операции низ Појасот Газа, велејќи дека е во тек нивното доставување на хуманитарна помош во Газа, јавува Анадолу.
„Првпат од март во Газа е донесен гас за готвење“, соопшти Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (OCHA), истакнувајќи дека во Газа, исто така, се доставени повеќе шатори за раселени семејства, замрзнато месо, свежо овошје, брашно и лекови.
Агенцијата додаде дека ОН и нејзините партнери „дистрибуирале стотици илјади топли оброци и пакети леб - и на југ и на север“.
Со намалени ограничувања за движење и пристап, OCHA соопшти дека била во можност „претходно да ги распореди медицинските и итните резерви таму каде што се најпотребни, да ги процени клучните патишта за опасности од експлозиви и да ги поддржи раселените семејства во подрачјата каде што има можности за поплави да се подготват за зимската сезона“.
„Ова е само почеток“, соопшти агенцијата, ветувајќи дека ќе ја прошири испораката на помош „речиси до сите низ Газа“.
Минатиот месец Трамп претстави план за прекин на огнот од 20 точки за Газа, кој вклучува ослободување на сите израелски заробеници во замена за околу 2.000 палестински затвореници, траен прекин на огнот и постепено повлекување на израелските сили од целиот Појас Газа.
Од октомври 2023 година во израелските напади врз Појасот Газа убиени се повеќе од 67.600 Палестинци, повеќето од нив жени и деца.