Се појавија повеќе од 70.000 нови фотографии од воени злосторства извршени од режимот на Ал-Асад
Компјутерски хард-диск доставен од полковник што бил на должност во Дамаск, со цел да се спречи уништувањето докази при бегството на режимот од земјата, јасно открива колку брутално и систематски режимот на Башар ал-Асад мачел и убивал илјадници луѓе
БЕРЛИН (АА) - Повеќе од 70.000 фотографии објавени по завршувањето на 61-годишниот крвав режим на Баас во Сирија ги разоткриваат систематските мачења и егзекуции на режимот во текот на годините, известува Анадолу.
Компјутерски хард-диск доставен од полковник што бил на должност во Дамаск, со цел да се спречи уништувањето докази при бегството на режимот од земјата, јасно открива колку брутално и систематски режимот на Башар ал-Асад мачел и убивал илјадници луѓе, прецизно документирајќи ја бруталноста извршена од припадниците на безбедносните сили врз сопствениот народ.
Содржината што полковникот ја доставил до Северногерманската радиодифузна корпорација (NDR) била споделена и со Западногерманската радиодифузна кооорпорација (WDR), „Зидојче Цајтунг“ и Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ICIJ).
Хард-дискот содржи фотографии од 10.212 луѓе убиени од припадниците на сириските безбедносни сили.
Овие фотографии претставуваат едни од најзначајните визуелни докази што една новинска организација некогаш ги добила во врска со воените злосторства на режимот на Ал-Асад.
Фотографиите, претежно направени помеѓу 2015 и 2024 година, јасно покажуваат знаци на тортура, тешки повреди, изгладнување и изгореници на телата.
Значителен дел од фотографиите се направени во подрумот на воената болница „Хараста“.
Се вели дека оваа болница е центар каде што систематски ги фотографирале затворениците убиени од тајната служба.
Фотографиите се клучни не само за семејствата што ги бараат исчезнатите најблиски туку и за идентификување на потенцијални сторители и служат како докази во меѓународните истраги.
Податоците се доставени до Канцеларијата на германскиот федерален обвинител, што овозможува поведување правни мерки во Германија против членовите на режимот на Башар ал-Асад според меѓународното право.
Информации за идентитетот на повеќе од 1.500 жртви се споделени со организациите за човекови права и агенцијата на ОН за исчезнати лица.
Фотографиите на хард-дискот се сметаат за едни од најсеопфатните докази што досега се добиени во врска со обемот на злосторствата извршени во центрите за тортура на режимот на Ал-Асад.
Фотографиите се прецизно наведени, вклучително и бројот на притвореникот, името на фотографот, датумот на фотографирањето и, во повеќето случаи, безбедносната единица што ги привела жртвите (Воена полиција, Дирекција за разузнавање на воздухопловните сили и Генерална дирекција за разузнавање).
Фотографиите се продолжение на серија фотографии шверцувани од Сирија пред повеќе од една деценија од дезертер со кодно име Цезар, на кои се прикажани притвореници што се убиени помеѓу 2011 и 2013 година.
Фотографиите од Цезар предизвикаа низа меѓународни гонења и санкции за сириската Влада и беа искористени како доказ во првиот случај за тортура против режимот на Ал-Асад во Германија во 2020 година.
Овој случај резултираше со доживотен затвор за поранешниот сириски полковник Анвар Раслан, кој беше поврзан со случајот за тортура, како и 4,5-годишна казна за поранешниот офицер Ејад ал-Гариб за помагање и поттикнување злосторства против човештвото.
- „Фотографии од Цезар“
Се верува дека на фотографиите направени од војник со кодно име Цезар, кој служел во сириската режимска армија и бил одговорен за регистрирање на телата донесени во воените болници во текот на граѓанската војна, се претставени приближно 11.000 луѓе на возраст меѓу 20 и 40 години за кои е утврдено дека со нехумани методи биле мачени и убиени од режимот.
Повредите на телата на убиените на фотографиите, направени помеѓу мај 2011 и август 2013 година, имаат доказна вредност бидејќи откриваат како биле измачувани и убиени оние што ги држеле во воените објекти на режимот.
Приближно 55.000 фотографии направени од војникот со кодно име Цезар првпат беа објавени од агенција Анадолу во 2014 година. Овие фотографии предизвикаа значителна контроверзност како доказ за воените злосторства на режимот на Ал-Асад, вклучително и систематско измачување и изгладнување.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
