Руте и Франкен ја пофалија турската одбранбена индустрија, повикаа на инклузивна соработка
„Бидете подготвени. Тоа значи дека мора да инвестираме во вашите синџири на снабдување. Инвестирајте во дополнителни бродови, инвестирајте во дополнителни фабрики“
БРИСЕЛ (АА) – Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте и белгискиот министер за одбрана Тео Франкен денес ја истакнаа силата на турската одбранбена индустрија за време на Европската изложба и конференција за одбрана (БЕДЕКС) во Брисел, повикувајќи на избегнување на ексклузивни пристапи и на побрза и координирана соработка меѓу сојузниците, јавува Анадолу.
Говорејќи на сесијата во рамките на БЕДЕКС заедно со Франкен, Руте рече дека изложбата покажува дека одбранбената индустриска база на Белгија е силна и продолжува да расте.
Осврнувајќи се на потребите на одбранбениот сектор, Руте ги повика компаниите да бидат подготвени и да инвестираат во синџирите на снабдување.
„Бидете подготвени. Тоа значи дека мора да инвестираме во вашите синџири на снабдување. Инвестирајте во дополнителни бродови, инвестирајте во дополнителни фабрики“, рече тој.
Руте, исто така, ја нагласи потребата од побрза акција, укажувајќи на брзото трошење на воените резерви.
„Гледате колку брзо може да ги потрошиме нашите резерви. Погледнете го Блискиот Исток. Погледнете ја Украина. И ние мора да ги дополниме“, рече тој.
Нагласувајќи ја важноста на соработката меѓу сојузниците, тој посочи дека околу 3.000 одбранбени компании во Турција соработуваат со партнери во Европа и САД.
Тој додаде дека третирањето на САД како одвоени од Европа е „старомоден“ пристап.
„Навистина мора да го правиме тоа заедно: меѓусебна зависност, брзина и подготвеност“, истакна Руте.
- Повик за избегнување ексклузивни пристапи -
Франкен, исто така, ја истакна важноста на стратегиската автономија, предупредувајќи дека таа не треба да значи исклучување на клучни партнери.
„Мислам дека стратегиската автономија е многу важна. Тоа е клучно. Но за мене тоа не значи дека треба да ги отурнеме Американците, Канаѓаните, Турците или луѓето од Норвешка или Обединетото Кралство“, рече тој.
Франкен нагласи дека Европската Унија мора да направи повеќе за зајакнување на своите конвенционални одбранбени капацитети и да ги зголеми трошоците за одбрана.
Иако Белгија нема големи одбранбени компании како Германија или Франција, Франкен рече дека земјата има вековна традиција на инвестиции во оружје и одбранбена индустрија.
Тој додаде дека е постигнат значителен напредок во обезбедувањето финансирање за секторот.
„Сега одбраната е во фокус. Одбранбената индустрија е во подем“, рече министерот, нагласувајќи ја важноста на организирањето изложби и форуми каде што претприемачите и претставниците на индустријата може да се сретнат и да воспостават контакти.
Според Франкен, Белгија моментно има околу 80 компании во одбранбениот сектор.
„Сакам во рок од пет години да го удвоиме тој број. Потребни ни се 160 до 200 компании во Белгија во следните четири или пет години во одбранбената индустрија. Тоа е предизвик, но работиме многу добро на тоа“, рече тој.
Франкен, исто така, ја нагласи потребата од економски поврат од издојувањата за одбрана.
„Не може само да потпишеме договор и сите работни места да бидат во Франција или во САД. Ни требаат работни места овде. Станува збор за многу пари, тоа се пари на даночните обврзници. Тоа не се мои пари. Затоа ни треба и економски поврат, а тоа може да го постигнеме преку нашата одбранбена индустрија“, рече тој.
БЕДЕКС претставува платформа за претставување одбранбени технологии, безбедносни решенија и воена опрема, каде што голем број меѓународни компании ги изложуваат своите производи и системи.
Конференциите и панел-дискусиите во рамките на настанот се фокусираат на трансформацијата на одбранбената индустрија, новите технологии, безбедноста на синџирите на снабдување и меѓународната соработка.
Најавено е дека заменик-генералниот директор на турскиот водечки производител во одбранбената индустрија „Асeлсан“, Озгур Тајлан Сари, ќе учествува на панелот насловен „Трансформација на глобалниот индустриски одбранбен пејзаж“.
Тридневниот настан има цел да создаде нови можности за соработка меѓу европската одбранбена индустрија и меѓународните компании, обединувајќи претставници од секторот, носители на јавни функции и експерти.
