НАТО: Подготвени сме да се одбраниме од закани од кој било правец
- „НАТО и понатаму е подготвен да се одбрани од секаква закана, од кој било правец. Не може да навлегуваме во оперативни детали, но ќе продолжиме да го приспособуваме нашиот став за одбрана кон зголемените закани“
БРИСЕЛ (АА) – НАТО денес за Анадолу соопшти дека е подготвен да се одбрани од закани од кој било правец и дека ќе продолжи да го приспособува својот став за одбрана од балистички ракети за да одговори на зголемените безбедносни предизвици, јавува Анадолу.
„НАТО и понатаму е подготвен да се одбрани од секаква закана, од кој било правец. Не може да навлегуваме во оперативни детали, но ќе продолжиме да го приспособуваме нашиот став за одбрана кон зголемените закани“, изјави официјален претставник на Алијансата.
Овие коментари следуваа по соопштението на Министерството за национална одбрана на Турција, во кое се вели дека како одговор на неодамнешните случувања во регионот, преземени се мерки за обезбедување на границите и воздушниот простор на земјата, а во тек се консултациите со НАТО и сојузничките нации.
Министерството додаде дека покрај националните мерки на претпазливост, НАТО ги зголеми мерките за воздушна и ракетна одбрана, при што во Малатија е распореден системот „Патриот“ како поддршка за заштита на турскиот воздушен простор.
