Вицепремиерот Сали: Европската интеграција е заеднички проект на државата и општеството
Министерот Сали се обрати на конференција организирана од Европскиот економско-социјален комитет (ЕЕСК) и неговиот Комитет за следење на Западен Балкан...
СКОПЈЕ (АА) - Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања на Северна Македонија, Беким Сали, изјави дека европската интеграција е заеднички проект на државата и општеството, пренесува Анадолу.
Сали денес се обрати на конференцијата со социјалните партнери и граѓанските организации од Северна Македонија, организирана од Европскиот економско-социјален комитет (ЕЕСК) и неговиот Комитет за следење на Западен Балкан, која се одржа во Европската куќа во Скопје.
Во своето обраќање министерот Сали истакна дека европската интеграција не е само владин процес, туку општествен проект за кој е потребно активно учество на граѓанското општество, синдикатите, организациите на работодавци и бизнис-заедницата.
„Организираното граѓанско општество не треба да биде набљудувач, туку кокреатор на реформите. Кредибилитетот на проширувањето зависи од реални, мерливи и инклузивни реформи“, нагласи Сали.
Тој посочи дека ефективниот социјален дијалог претставува столб на демократската зрелост и предуслов за економска стабилност и европска интеграција, потврдувајќи ја посветеноста на Владата кон заштита на граѓанскиот простор, медиумскиот плурализам и борбата против дезинформациите.
Министерот истакна дека Реформската агенда во рамките на Планот за раст за Западен Балкан претставува можност за поврзување на реформите со конкретни придобивки за граѓаните, но дека успехот зависи од заедничката сопственост и партнерството на сите нивоа.
Конференцијата опфати дискусии за улогата на граѓанското општество во пристапните преговори, состојбата на социјалниот дијалог, како и прашањата поврзани со слободата на изразување и справувањето со дезинформациите.
Владата на Република Северна Македонија останува целосно посветена на европскиот пат, на реформите и на конструктивниот дијалог со сите општествени чинители.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
