Рубио: Протечениот нацрт-мировен предлог за Украина е напишан од САД
Протечениот нацрт-предлог од 28 точки бара од Украина да ѝ предаде дополнителни територии на Русија, да ја ограничи големината на својата војска и да се откаже од својата кандидатура за членство во НАТО
ВАШИНГТОН (АА) - Американскиот државен секретар Марко Рубио истакна дека протечениот предлог за мир за Украина е напишан од Соединетите Американски Држави (САД), јавува Анадолу.
Ова се случи откако неколку пратеници тврдеа дека Рубио приватно го опишал документот како руска „листа на желби“.
Сенаторите кои присуствуваа на Меѓународниот безбедносен форум Халифакс рекоа дека Рубио им се јавил додека патувал во Женева на разговори со украински претставници.
„Тој ни стави до знаење дека ние сме примателите на предлог кој му бил доставен на еден од нашите претставници“, рече сенаторот Мајк Раундс за време на прес-конференција. „Тоа не е наша препорака. Тоа не е наш мировен план. Тоа е предлог кој беше примен и како посредници направивме подготовки да го споделиме, и не го објавивме. Тој протече.“
Кратко потоа, Рубио се обрати преку американската компанија за социјални медиуми X отфрлајќи ги нивните наводи.
„Предлогот за мир е напишан од САД. Тој е понуден како силна рамка за тековните преговори. Се базира на придонес и од руската страна. Но, исто така се базира на претходен и тековен придонес од страна на Украина“, напиша Рубио.
Заменик-портпаролот на Стејт департментот, Томи Пигот, го нарече извештајот на американските пратеници „очигледно лажен“, истакнувајќи дека администрацијата на Трамп „континуирано тврди дека овој план е составен од САД, со придонес и од Русите и од Украинците“.
Протечениот нацрт-предлог од 28 точки, првично објавен од американскиот сајт за вести „Аксиос“, бара од Украина да ѝ предаде дополнителни територии на Русија, да ја ограничи големината на својата војска и да се откаже од својата кандидатура за членство во НАТО.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, му даде рок на украинскиот претседател Владимир Зеленски до четврток да одговори.
Зеленски рече дека се соочува со тежок избор, „губење на нашето достоинство или ризик од губење на клучен партнер“.
Претходно вчера, лидерите на девет европски земји плус Јапонија, Канада и високи претставници на ЕУ изразија загриженост во врска со предложените ограничувања за Украинските вооружени сили во планот, предупредувајќи дека тие „ќе ја остават Украина ранлива на иден напад“.
Русија ја започна својата „специјална воена операција“ во февруари 2022 година за „денацификација“ и демилитаризација на Украина. Освен ограничувањата за украинската војска и забраната за членство во НАТО, Москва сака рускиот јазик да има официјален статус во Украина.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
