Балкан

Предвремени избори за претседател на босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска

На 2.211 гласачки места, малку повеќе од 1,2 милиони граѓани со право на глас ќе го изберат новиот претседател на РС

Senita Sehercehajic  | 23.11.2025 - Обновена : 23.11.2025
Предвремени избори за претседател на босанскохерцеговскиот ентитет Република Српска Фото: Samır Jordamovıć/AA

САРАЕВО (АА) - Гласачките места на предвремените избори за претседател на босанскохерцеговскиот ентитет, Република Српска, се отворија утрово во 7:00 часот, јавува Анадолу.

На 2.211 гласачки места, малку повеќе од 1,2 милиони граѓани со право на глас ќе го изберат новиот претседател на РС, а гласачките места се затвораат во 19:00 часот.

Централната изборна комисија на Босна и Херцеговина (ЦИК БиХ) потврди шест кандидатури за учество на предвремените избори за претседател на РС.

Кандидатите за челник на ентитетот се: Драган Ѓокановиќ (Алијанса за нова политика), Бранко Блануша (СДС - Српска демократска странка), Синиша Каран (Сојуз на независни социјалдемократи - СНСД - Милорад Додик), Никола Лазаревиќ (Еколошка партија на Република Српска) и независните кандидати Игор Гашевиќ и Славко Драгичевиќ.

ЦИК на БиХ проценува дека предвремените избори за претседател на РС ќе чинат 6,46 милиони конвертибилни марки (околу 3,3 милиони евра).

Од вкупно 1.264.364 гласачи, 20.269 ќе гласаат по пошта, 258 гласачи ќе гласаат во дипломатско-конзуларните претставништва на Босна и Херцеговина во Минхен и Берлин (Германија), Виена (Австрија) и Белград (Србија).

Централната изборна комисија на БиХ акредитираше 639 набљудувачи. Од нив, 515 набљудувачи се од невладини организации, 99 од меѓународни организации и 25 од политички субјекти.

- Зошто предвремени избори? -

На крајот на август, Централната изборна комисија на БиХ распиша предвремени избори за претседател на ентитетот РС, откако мандатот на тогашниот претседател Милорад Додик беше прекинат со правосилна пресуда на Судот на БиХ.

Додик е осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење јавна функција поради непочитување на одлуките на високиот претставник во БиХ. Подоцна тој ја откупи затворската казна за 18.000 евра.

Судот го прогласи за виновен за одбивање да ги спроведе одлуките на Високиот претставник во јули 2023 година, вклучително и онаа за спречување на стапувањето во сила на ентитетскиот закон со кој се оспоруваше примената на одлуките на Уставниот суд на БиХ.

На 4 ноември, Уставниот суд на БиХ ја отфрли жалбата на адвокатот кој бараше поништување на пресудата и одлуката на ЦИК за одземање на мандатот на претседателот на РС.

Од 18 октомври, Ана Тришиќ Бабиќ ја извршува функцијата вршител на должноста претседателка на РС.

Мандатот на претседателот на РС избран на предвремените избори ќе трае до општите избори во Босна и Херцеговина, кои се закажани за октомври 2026 година.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.