Балкан

Хрватскиот премиер го оцени како „исклучително лош“ мировниот план на САД за Украина

- Премиерот Пленковиќ нагласи дека секој предлог што води кон мир е добредојден, но дека овој „не е праведен“ и дека е клучно што за него мисли самата Украина

Zlatan Kapic  | 21.11.2025 - Обновена : 21.11.2025
Хрватскиот премиер го оцени како „исклучително лош“ мировниот план на САД за Украина

САРАЕВО (АА) - Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ денес изјави дека мировниот план на САД за завршување на војната во Украина е „исклучително лош“ и „не е праведен“ за Киев, бидејќи подразбира губење на територии, откажување од членството во НАТО и ограничување на Украинските вооружени сили, пренесува Анадолу.

„Мислам дека планот за Украина е исклучително лош затоа што де факто губи територии на три од своите големи региони - Донецк, Луганск и Крим. Тука се и откажувањето од амбициите за членство во НАТО и ограничувањето на силите - цела низа неповолни елементи“, изјави Пленковиќ за новинарите во Дубровник, објави Хина.

Американски функционер претходно потврди дека планот вклучува безбедносни гаранции од САД и европските сојузници споредливи со оние на НАТО во случај на иден напад врз Украина. Според истиот предлог, Киев ќе мора да се обврзе дека никогаш нема да се приклучи на НАТО и нема да може да користи мировни сили. Планот предвидува стационирање на европски борбени авиони во Полска за заштита на украинскиот воздушен простор.

Пленковиќ нагласи дека секој предлог што води кон мир е добредојден, но дека овој „не е праведен“ и дека е клучно што за него мисли самата Украина. Тој потсети и на искуството од војната во Хрватска.

„Како земја којашто беше жртва на агресија, имаше окупирани територии и ги врати во својот уставен поредок, сметам дека таков план, кој де факто би ја наградил агресијата, би бил лош за Украина и интересите на украинскиот народ“, рече тој.


- Зеленски вети дека нема да ја издаде Украина

Украинскиот претседател Владимир Зеленски денес изјави дека нема да ги издаде националните интереси на земјата. Во своето видеообраќање, тој ги повика граѓаните да останат обединети во „еден од најтешките моменти во историјата“, најавувајќи зголемен политички притисок во наредните денови.

Зеленски рече дека ќе презентира „алтернативи“ на американскиот предлог, кој е широко оценет како поволен за Москва, и додаде дека Украина нема да прифати решение што би значело капитулација.

Европските земји се спротивставија на американскиот план, за кој изворите велат дека од Киев бара да се откаже од дел од територијата и делумно разоружување - барања што сојузниците на Украина ги сметаат за неприфатливи.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.