Еврокомесарката Кос: На половина пат сме од спроведувањето на Планот за раст за Западен Балкан
„Направен е значителен напредок, но сè уште има многу работа да се направи за да се подобри животот на граѓаните низ целиот регион“, изјави Комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос
СКОПЈЕ (АА) - Комесарката за проширување на Европската Унија (ЕУ), Марта Кос, изјави дека половина од Планот за раст за Западен Балкан е веќе имплементиран, истакнувајќи дека иако е постигнат значителен напредок, регионот сè уште има многу работа пред себе, пренесува Анадолу.
„Сега сме на половина пат од спроведувањето на Планот за раст за Западен Балкан. Направен е значителен напредок, но сè уште има многу работа да се направи за да се подобри животот на граѓаните низ целиот регион“, напиша Кос на американската социјална мрежа X.
Таа повика на „зголемување на напорите заедно и остварување на позитивните промени што луѓето со право ги очекуваат“.
Планот за раст за Западен Балкан, лансиран од Европската комисија, има за цел да ја зајакне економијата, да ги зголеми инвестициите и да го приближи регионот кон единствениот пазар на ЕУ, како дел од процесот на европска интеграција.
Денес во Тирана се одржа Самитот за Планот за раст на Европската Унија, насловен „Нашиот пат кон ЕУ“, каде што лидерите на Западен Балкан и претставниците на ЕУ разговараа за Планот за раст и економската интеграција.
На прес-конференција на крајот од Самитот, заедно со албанскиот премиер Еди Рама, Кос ги потврди амбициите за интеграција на земјите од Западен Балкан во ЕУ, нагласувајќи дека сите земји во регионот треба да станат полноправни членки на Унијата.
Покрај премиерот Рама и еврокомесарката Кос, на Самитот учествуваа и премиерот на Северна Македонија, Христијан Мицкоски, вршителот на должноста премиер на Косово, Албин Курти, српскиот премиер Ѓуро Мацут, црногорскиот премиер Милојко Спајиќ и претседателката на Советот на министри на БиХ, Борјана Кришто.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
