По двегодишните напади во Газа повторно организиран Фудбалскиот турнир на надежта
Играчите, и покрај големите лични и физички предизвици, покажаа силна решителност и издржливост, претворајќи го турнирот во симбол на отпорот и волјата за живот
СКОПЈЕ (АА) – По неодамна постигнатиот прекин на огнот меѓу Израел и Хамас, во Газа повторно започна Фудбалскиот турнир на надежта за лица со ампутирани екстремитети, носејќи редок миг на олеснување, заедништво и надеж по две години интензивен конфликт, јавува Анадолу.
Спортистите со ампутирани екстремитети се собраа на теренот во Деир ал-Балах за натпреварот што го организира Федерацијата за фудбал на лица со ампутирани екстремитети на Палестина, во соработка со хуманитарната организација „Дениз Фенери“ во Газа.
Играчите, и покрај големите лични и физички предизвици, покажаа силна решителност и издржливост, претворајќи го турнирот во симбол на отпорот и волјата за живот.
Настанот има за цел да им даде поддршка на повредените спортисти во Газа и да ги зајакне лицата со попреченост преку спорт и заеднички натпреварувачки дух.
Според палестинското Министерство за здравство, од почетокот на израелската воена кампања во октомври 2023 година во Газа се извршени повеќе од 5.000 ампутации.
Од октомври 2023 година досега, израелската војна врз Газа одзеде над 69.000 животи и повреди повеќе од 170.600 лица, соопшти Министерството за здравство во Газа.
