Балкан

Сиљановска-Давкова: Да се посветиме на реформите, а ЕУ да покаже јасна стратегија за македонското членство

- „Наметнатите дополнителни услови коишто го попречуваат нашиот европски пат не се во согласност со темелните вредности и принципите на Унијата коишто налагаат почитување на уставните структури на државите“

Elena Trenchevska Chekovikj  | 17.11.2025 - Обновена : 17.11.2025
Сиљановска-Давкова: Да се посветиме на реформите, а ЕУ да покаже јасна стратегија за македонското членство

СКОПЈЕ (АА) - Да се посветиме на реформите, не поради политичката волја за уставните измени, туку заради владеење на правото, порача денес претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, пренесува Анадолу.

На заедничката седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, на којашто се дискутираше за Извештајот на Европската комисија за напредокот на земјата за 2025 година Сиљановска-Давкова истакна дека земјата досега манифестирала „енормна спремност во спроведувањето на барањата на ЕУ“, укажувајќи на „неиздржаноста на забелешките за немањето политичка волја“ во земјата.

„Таа го покрена и прашањето за преиспитување на процесот на евалуација од страна на Европската комисија. Компарирајќи ги досегашните 16 извештаи, посочи дека нотираниот прогрес е цикличен, а не линеарен, што говори дека оценките се одраз на актуелната перцепција на евалуаторот“, се вели во сооопштението на Кабинетот на претседателката.

Годинешните оценки за земјата, според Сиљановска-Давкова, се под влијание на барањата за уставни измени.

„Претседателката повтори дека наметнатите дополнителни услови коишто го попречуваат нашиот европски пат не се во согласност со темелните вредности и принципите на Унијата коишто налагаат почитување на уставните структури на државите“, се додава од Кабинетот.

Во обраќањето таа се осврна на можните компликации во одлучувањето во Комитетот за односи меѓу заедниците како резултат на евентуалните уставни измени и укажа на спорноста на констатацијата во Извештајот за лоцирање на жените на изборните листи на недобитни позиции.

Претседателката Сиљановска-Давкова нагласила дека ЕУ останува уникатна политичка филозофија, што ужива поддршка кај јавноста, мотивира демократски реформи и стимулира промени што водат кон траен мир и стабилност на Западниот Балкан.

Според неа, интегрираноста на Западен Балкан во ЕУ ќе стави крај на „балканизацијата“ како феномен, но, како што истакнува, Унијата сè уште „нема јасна стратегија за нашата европска интеграција и практикува двојни стандарди“.

На седницата свое обраќање имаа и евроамбасадорот, Михалис Рокас, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, претседателите на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања, Венко Филипче и Антонијо Милошоски, како и пратеници од власта и опозицијата коишто ги изнесоа своите гледишта за годинешниот Извештај на ЕК.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.