свет

Олена Курило: „Победата на Украина против Путин ќе биде победа на целиот свет“

Пред девет месеци, фотографија на Агенцијата Анадолија (АА) од Украинката Олена Курило се најде на насловните страници во меѓународните медиуми, како тажен симбол на маките на Украина поради „специјалната воена операција“ на Русија

Burç Eruygur  | 10.11.2022 - Обновена : 14.11.2022
Олена Курило: „Победата на Украина против Путин ќе биде победа на целиот свет“ Фото: Wolfgang Schwan/АА

ИСТАНБУЛ (АА) – Пред девет месеци, фотографија на Агенцијата Анадолија (АА) од Украинката Олена Курило се најде на насловните страници во меѓународните медиуми, како тажен симбол на маките на Украина поради „специјалната воена операција“ на Русија.

Фотографијата е направена од фоторепортерот на Агенција Анадолија (АА), Волфганг Шван во градот Чухуив во областа Харков, источна Украина, еден ден откако Русија ја објави својата „операција“ против Украина.

Многу меѓународни весници, вклучувајќи ги британските „Гардијан“ (The Guardian) „Тајмс оф Лондон“ (Times of London), „Сан“ (The Sun), „Индипендент“ (The Independent) и германскиот дневен весник „Билд“ (Bild), ја користеа фотографијата на нивните насловни страници, а беше користена и од многу други меѓународни новински канали, како „Си-ен-ен“ (CNN) и „Би-би-си“ (BBC).

Девет месеци подоцна, Курило и Шван во ексклузивно интервју разговараа за тоа што се случи во февруари и за актуелната ситуација во Украина.

- „Тоа не се случи случајно“ -

Потсетувајќи се на паѓањето на ракетата во станбената зграда во која живеела, Курило рече дека имала прав и стакло во очите поради експлозијата и дека итно ѝ била потребна операција.

„Ми требаше операција, а клиниките во Украина не можеа да ме примат, но благодарение на британските новинари и весници, успеав да стигнам во Полска и имав три операции... Ќе влезам и на операција овде [Лондон], и постои можност да ми се врати видот до 50 отсто“, рече Курило.

Таа понатаму раскажа дека нејзината ситуација не се случила случајно и дека сега има мисија да им помогне на луѓето и на Украина.

„Тоа се случи, и јас станав препознатливо лице на украинската војна, но сфатив дека тоа не се случи случајно. Сфатив дека тоа е со причина и дека имам мисија. Мојата мисија сега е да им помагам на луѓето. Точно е дека говорам главно само за Украина затоа што разбирам дека сега моја должност е и да помогнам за победа на Украина и да ѝ помогнам на мојата земја, за што го користам својот глас колку што можам“, нагласи таа.

Курило понатаму раскажа дека била шокирана кога руски медиуми тврделе дека тоа што ѝ се случило не е вистина и дека таа е актерка и дека фотографијата датира од пред пет години.

„На самиот почеток бев шокирана, но потоа почнував само да се смеам кога ги гледав сиве овие работи. Тие велеа дека сум офицер. Се обидуваа да најдат и искористат фотографии од други жени, но тие не личеа на мене. Кога ме повикаа за интервју, откако руската пропаганда раширила дека сум заробена и дека сум признала дека сум офицер, направивме интервју за да ја разјасниме ситуацијата“, додаде таа.

- „Приоритетите се променија“ -

Курило рече дека нејзините приоритети се промениле и дека луѓето кои некогаш биле блиски со нив станале далечни.

„Затоа што не нѐ поддржуваа. Тоа беа многу Украинци во Русија или луѓе кои имаа роднини, и некако се случи да бидеме на две различни страни“, раскажа таа.

„Но се надевам дека еден ден ќе сфатат што е важно во животот, дека тоа е самиот живот и слободата“, додаде Курило.

Посочувајќи дека нејзиниот живот целосно се променил од почетокот на војната, Курило рече дека никогаш не помислила дека такво нешто може да се случи и дека ваквите настани менуваат и „други работи“.

„Претходно имате различни вредности како што се семејството и работата. Сега моите приоритети се сменија многу. Она што го ставам на прво место се луѓето, поддршката и човечкиот живот“, нагласи Олена Курило.

- „Започна“ -

Пред инвазијата, Курило рече дека знаела дека Путин не се шегува за инвазија на Украина бидејќи ги следела вестите, но дека никогаш не верувала дека тоа ќе се случи.

„Денот кога всушност ги слушнав бомбите, моите зборови беа: „Започна. До самиот крај сакавме да веруваме дека тоа е само лош сон и не можевме да веруваме дека вакво нешто може да се случи во Европа во 21 век“, рече Курило во врска со „специјалната воена операција“ на Русија.

Таа додаде дека апсолутно не се сомневала дека Украина ќе ја добие војната уште од „првата минута од инвазијата“ поради мотивацијата и „нескршливиот дух на украинскиот народ“.

Коментирајќи ја ситуацијата денес, Курило, исто така истакна дека Украина „стои меѓу Путин и Европа“.

„Само ако победиме, тогаш Путин нема да може понатаму бидејќи нема да има ресурси да го стори тоа. Оваа победа е важна за сите, и верувам дека луѓето го разбираат ова. Нашата победа против Путин ќе биде победа на целиот свет“, рече Курило.

„Исто така, тоа многу зависи и од нашите партнери кои нè поддржуваат. Сигурно, ни треба повеќе оружје за борба. Колку повеќе оружје добиеме, толку побрзо ќе стигнеме до победата и побрзо мирот ќе дојде на нашите територии“, додаде таа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.