свет

Невреме ги поплави импровизираните шатори додека раселените семејства во Газа се соочуваат со суровите зимски услови

- Властите велат дека Израел го крши хуманитарниот протокол од договорот за прекин на огнот постигнат минатиот месец со блокирање на влезот на материјали за засолништа како што се шатори и мобилни контејнери

Elena Trenchevska Chekovikj  | 17.11.2025 - Обновена : 17.11.2025
Невреме ги поплави импровизираните шатори додека раселените семејства во Газа се соочуваат со суровите зимски услови

Üsküp

Раселените палестински семејства кои се засолнуваат покрај крајбрежјето западно од Деир ал-Балах во централна Газа се борат да ги издржат обилните дождови и студеното време што ја зафати областа, јавува Анадолу.

Со оглед на тоа што Израел го блокира влезот на шатори и мобилни засолништа, семејствата кои се соочуваат со сериозен недостиг на соодветни засолништа се обидуваат да се снајдат во импровизирани шатори кои се поплавени од постојаните дождови.

Суровите услови, во комбинација со несоодветните засолништа, дополнително ја влошија веќе тешката хуманитарна ситуација.

Фатима Абдел Наби, постара Палестинка која живее со своето семејство во импровизиран шатор покрај морето, рече дека дождот го натопил местото каде што спијат, без можност да се снајдат, со зимата пред прагот.

„Децата се разбудија преплашени среде ноќ кога студените ветрови и дождот го зафатија шаторот. Немаа време дури ни да се облечат или да земат нешто. Што да прават? Што можеме ние да направиме?“, праша Абдел Наби.

Како што објави палестинската новинска агенција ВАФА, Палестинската метеоролошка служба соопштила дека Газа е зафатена од студен бран проследен со обилни врнежи од дожд и грмотевици.

Властите велат дека Израел го крши хуманитарниот протокол од договорот за прекин на огнот постигнат минатиот месец со блокирање на влезот на материјали за засолништа како што се шатори и мобилни контејнери.​​​​​​​

Првата фаза од договорот за прекин на огнот, заснована на планот од 20 точки на американскиот претседател Доналд Трамп, вклучува ослободување на израелски заложници во замена за палестински затвореници. Планот, исто така, предвидува обнова на Газа и воспоставување нов управувачки механизам без Хамас.

Израел уби повеќе од 69.000 Палестинци, претежно жени и деца, во Газа од октомври 2023 година и ја претвори во урнатини.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.