Министерство за здравство на Газа: Уште 10 Палестинци починаа од глад во последните 24 часа поради израелската опсада
- „Со најновите смртни случаи бројот на починати од глад од октомври 2023 година досега се искачи на 111“, додаде Министерството

ИСТАНБУЛ (АА) - Уште десетмина Палестинци починаа од глад и неисхранетост во Појасот Газа во последните 24 часа, соопшти Министерството за здравство денес, јавува Анадолу.
„Болниците во Газа регистрираа 10 нови смртни случаи поради глад и неисхранетост во изминатиот ден“, се додава во соопштението на Министерството.
„Со најновите смртни случаи бројот на починати од глад од октомври 2023 година досега се искачи на 111“, додаде Министерството.
Од 2 март Израел ги затвори сите премини во Газа, при што е блокирано доставувањето храна, медицинска и хуманитарна помош.
Според владината Канцеларија за медиуми на Газа, околу 650.000 деца се изложени на ризик да починат од глад и неисхранетост, а околу 60.000 бремени жени се соочуваат со сериозни ризици поради недостиг на храна и основна здравствена заштита.
Израел уби над 59.100 Палестинци, повеќето жени и деца, во Појасот Газа од октомври 2023 година. Воената кампања ја разори енклавата, го уништи здравствениот систем и доведе до сериозен недостиг на храна.
Минатиот ноември Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел, исто така, се соочува со случај на геноцид во Меѓународниот суд за правда за неговата војна во енклавата.