свет

Масовен пожар уништи 1.500 домови во сиромашна населба во Дака

- Пожарот избувна синоќа во населбата Кораил, која се наоѓа во близина на луксузните квартови Гулшан и Банани во главниот град.

Sm Najmus Sakib  | 26.11.2025 - Обновена : 26.11.2025
Масовен пожар уништи 1.500 домови во сиромашна населба во Дака

ДАКА (АА) – Масовен пожар ја опустоши најголемата сиромашна населба во Дака, уништувајќи околу 1.500 домови и оставајќи илјадници жители без покрив над глава, соопштија службите за противпожарна заштита на Бангладеш, јавува Анадолу.

Пожарот избувна синоќа во населбата Кораил, која се наоѓа во близина на луксузните квартови Гулшан и Банани во главниот град.

Деветнаесет противпожарни единици се бореа со пламените јазици вкупно пет часа, а огнот беше целосно изгаснат утринава.

Нема пријавени жртви.

Тесните пристапни улици и лесно запаливите материјали придонеле пожарот брзо да се прошири, изјави директорот на противпожарната служба и цивилната заштита, потполковник Мохамад Тајул Ислам Чоудхури.

Тој додаде дека истражителите ќе ги утврдат вкупната штета и причините за пожарот, но нагласи дека условите во населбата биле исклучително ризични.

„При гаснењето беше утврдено дека насекаде има електрични кабли, како и боци со гас во секој дом – состојби што го забрзуваат ширењето на пожарите“, предупреди тој, додавајќи дека во зимскиот период често има пораст на вакви инциденти.

Кораил, во која има околу 10.000 домови на површина од приближно 90 акри, често е зафатена од пожари, а имаше неколку големи инциденти минатата година во февруари, март и декември.

Шефот на привремената Влада, Мухамад Јунус, изрази длабока загриженост поради уништувањето и упати сочувство до погодените семејства. Тој најави дека властите ќе обезбедат целосна поддршка за обнова и нареди темелна истрага за пожарот, како и посилни мерки за спречување идни трагедии.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın