Мадуро ги обвини САД за обид за промена на режимот во Венецуела
- „ЦИА е пратена во Венецуела со цел промена на режимот. Од своето создавање ниедна американска влада не ѝ наредила толку отворено на оваа агенција да убива, соборува или уништува други земји“, рече Мадуро.

БОГОТА/ИСТАНБУЛ (АА) – Венецуелскиот претседател Николас Мадуро вчера ги обвини Соединетите Американски Држави за организирање операција со цел промена на режимот во неговата земја, јавува Анадолу.
Говорејќи на церемонија во главниот град Каракас, Мадуро рече дека американскиот претседател Доналд Трамп ѝ дал овластување на Централната разузнавачка агенција (ЦИА) да спроведува операции во Венецуела под изговор „борба против трговијата со дрога“.
„ЦИА е пратена во Венецуела со цел промена на режимот. Од своето создавање ниедна американска влада не ѝ наредила толку отворено на оваа агенција да убива, соборува или уништува други земји“, рече Мадуро.
Тој го обвини Вашингтон за обид за промена на режимот и тврдеше дека ЦИА веќе 26 години планира заговор ротив Венецуела, додавајќи дека „сите државни удари во Латинска Америка“ биле поддржани од агенцијата.
„Првпат во нашата историја една американска администрација отворено ја изразува својата намера да нападне друга земја. Тие сакаат да го заплашат, поделат и деморализираат нашиот народ преку психолошка војна. Но нашата нација останува обединета и решителна“, рече тој.
„На заговорниците, империјалистите и нивните медиуми им порачувам: политичкото и военото раководство на револуцијата никогаш не било повеќе обединети во одбраната на нашата татковина“, додаде Мадуро.
Тој истакна дека 6,2 милиони граѓани се дел од Националниот интегриран систем за одбрана и се подготвени да се спротистават на каква било надворешна закана.
Мадуро остро ги критикуваше интервенционистичките политики на Вашингтон, наведувајќи: „Ако Венецуела немаше нафта, гас, злато, плодна земја и вода, империјалистите воопшто немаше да се интересираат за нашата земја.“
Претходно Трамп потврди дека ѝ дал овластување на ЦИА да спроведува операции во Венецуела како дел од кампањата на неговата администрација против наркотиците.
Во текот на последните месеци САД распоредија поморски сили, вклучително и подморници и воени бродови, покрај брегот на Венецуела, во согласност со директивата.
Министерот за одбрана Пит Хегсет изјави дека американските сили се „подготвени за операции во Венецуела, вклучително и промена на режимот“.
Како одговор на тоа, Мадуро мобилизираше 4,5 милиони членови на милицијата, прогласувајќи подготвеност да се спротистави на секаков напад.
Американските напади врз бродовите за кои се тврди дека се поврзани со трговија со дрога што пловат во близина на венецуелските води предизвикаа критики од Каракас и меѓународната заедница, кои ги нарекоа „кршење на меѓународното право“.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.