Венецуела ќе ја зголеми безбедноста на максимално ниво во уште четири држави
- Мадуро: Ги завршуваме сите наши подготовки за да ја достигнеме оптималната состојба за целосна одбрана на нашата земја. Работиме на постигнување мир и заштита на нашиот суверенитет во совршено единство со нашиот народ и сите сегменти на општеството

БОГОТА (АА) - Венецуелскиот претседател Николас Мадуро нареди зголемување на „максимално“ ниво на безбедносните мерки во уште четири држави во западниот регион, известува Анадолу.
Во објавата на социјалните мрежи, Мадуро наведе дека безбедносните мерки ќе бидат зголемени на максимално ниво во државите Марида, Трухиљо, Лара и Јаракуј како дел од вежбата „Операција Независност 200“.
Наведувајќи дека планот има за цел да обезбеди целосна одбрана на земјата и да се спротивстави на американското воено присуство во Карипското Море, Мадуро додаде:
„Ги завршуваме сите наши подготовки за да ја достигнеме оптималната состојба за целосна одбрана на нашата земја. Работиме на постигнување мир и заштита на нашиот суверенитет во совршено единство со нашиот народ и сите сегменти на општеството.“
Според венецуелскиот печат, владата посочува дека одбраната не е само одговорност на официјалните сили; и народот ќе има активна улога.
Владата информирала дека 6,2 милиони луѓе се регистрирани во милицијата Боливаријана и тие ќе бидат вклучени во овој одбранбен систем.
Министерот за внатрешни работи, правда и мир на Венецуела, Диосдадо Кабело, во вчерашната изјава, истакна дека безбедносните мерки веќе се зголемени на максимално ниво во 11 држави и најави дека ќе бидат додадени и главниот град Каракас и државата Миранда.
Американскиот претседател Доналд Трамп потврди дека ја овластил Централната разузнавачка агенција (ЦИА) на САД да изврши операциja на венецуелска територија со образложение дека тоа е „војна против дрогата“.
- Раздвиженост на Карибите
Трамп претходно потпиша извршна наредба со која се наредува зголемена и поефикасна употреба на војската за борба против латиноамериканските нарко-картели.
Во тој контекст, САД испратија поморски сили составени од подморница и воени бродови покрај брегот на Венецуела кон крајот на август, а американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет изјави дека американската војска е подготвена за операции во Венецуела, вклучително и промена на режимот.
Како одговор на ова, претседателот на Венецуела Мадуро објави дека мобилизирал 4,5 милиони претставници на милицијата во земјата и е подготвен да одбие секаков напад.
Од друга страна, континуираното таргетирање на некои бродови покрај брегот на Венецуела од страна на САД врз основа на „шверц со дрога“ предизвика критики и од раководството на Венецуела и од меѓународната заедница, при што се тврди дека нападите се „во спротивност на меѓународното право“.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.