Израел планира да одземе 1,8 милиони квадратни метри земјиште на окупираниот Западен Брег
Налогот за конфискација, издаден од Израелската цивилна администрација, го опфаќа археолошкиот локалитет Себастија, како и големи површини маслинови насади со илјадници дрвја во сопственост на Палестинци
ЕРУСАЛИМ/ИСТАНБУЛ (АА) - Израел планира да заплени 1,8 милиони квадратни метри земја во северниот дел на окупираниот Западен Брег под изговор за работа на археолошки локалитет, објавија денес израелските медиуми, пренесува Анадолу.
Весникот „Хаарец“ соопшти дека налогот за конфискација, издаден од Израелската цивилна администрација, го опфаќа археолошкиот локалитет Себастија, како и големи површини маслинови насади со илјадници дрвја во сопственост на Палестинци.
Во извештајот се додава дека налогот, кој бил објавен минатата недела, се однесува и на земјиште во близина на палестинскиот град Себастија, чии жители главно зависат од туризмот како примарен извор на приходи.
Според „Хаарец“, планираниот потег ќе има најголемо влијание врз жителите на Себастија и соседното село Бурка.
Палестинските сопственици на земјиште добиле рок од 14 дена да поднесат приговори пред да се спроведе конфискацијата. Весникот ја опиша мерката како најголемо одземање земја за археолошки цели на окупираниот Западен Брег од 1967 година.
Себастија се наоѓа на главниот пат помеѓу губерниите Наблус и Џенин и зафаќа површина од околу 4,77 милиони квадратни метри.
Според палестинското Министерство за туризам, археолошкиот локалитет во Себастија датира од бронзеното време (3200 години пр. н. е.) и содржи арапски, хананејски, римски, византиски, феникиски и исламски остатоци.
Во јули 2024 година израелскиот парламент Кнесет, со поддршка од парламентарната коалиција и дел од опозицијата, го усвои владиниот предлог-закон со кој се проширува надлежноста на Израелската управа за антиквитети на археолошките локалитети низ сите области на Западниот Брег, соопшти палестинскиот истражувачки центар Мадар.
Одделно, израелските власти издале 40 налози за уривање и стопирање градба во последните два дена во населбата Вади ал-Хумус, југоисточно од Источен Ерусалим, соопшти вчера Губернијата на Ерусалим.
„Во средата (израелската) окупација достави 30 налози за уривање на објекти што се наоѓаат надвор од Ѕидот на разделување во Вади ал-Хумус, иако тие објекти се во Подрачје А и имаат официјални палестински дозволи“, се наведува во соопштението.
Според Договорите од Осло од 1995 година меѓу Израел и Палестинската ослободителна организација (ПЛО), Западниот Брег, вклучително и Источен Ерусалим, е поделен на три подрачја – А, Б и В.
Подрачјето А, кое зафаќа 18% од Западниот Брег, е под целосна палестинска административна и безбедносна контрола.
Меѓународниот суд на правдата ја прогласи израелската окупација на палестинската територија за незаконска и побара евакуација на сите израелски населби на Западниот Брег и во Источен Ерусалим.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
