Израелски напад предизвика пожар во камп за раселени лица во Газа, изгореа шатори
Во шаторите бea сместени палестински семејства кои ги напуштиja своите домови за време на двегодишната воена кампања на Израел во Појасот Газа
ИСТАНБУЛ (АА) – Израелски воздушен напад врз зграда во западниот дел на градот Газа синоќа предизвика пожар што се прошири на блиските шатори во кои престојуваат раселени семејства, оставајќи десетици семејства без засолниште, соопштија палестински претставници, јавува Анадолу.
Дописникот на Анадолу јави дека израелските воени авиони извршиле неколку напади врз владина зграда во областа Ансар, откако претходно било издадено предупредување за евакуација. По експлозијата избувнал пожар што се проширил кон шаторите во кои биле сместени раселени лица во околината.
Во шаторите биле сместени палестински семејства кои ги напуштиле своите домови за време на двегодишната воена кампања на Израел во Појасот Газа.
Од Цивилната заштита во Газа соопштија дека нивните противпожарни екипи успеале да го стават пожарот под контрола, откако избувнал во шаторите за раселени лица по нападот врз зградата во близина.
Засега нема информации за жртви.
Околу 1,9 милиони луѓе од вкупното население на Газа од 2,4 милиони во моментов се раселени и живеат во тешки услови во дотраени шатори без задоволување на основните потреби, откако нивните домови беа уништени за време на војната.
И покрај договорот за прекин на огнот, условите за живот во енклавата не се значително подобрени, бидејќи Израел не ги спроведува целосно обврските од договорот за дозволување влез на договорените количини храна, хуманитарна и медицинска помош, како и материјали за засолниште, вклучително шатори и мобилни станбени единици.
Израелските сили, според палестински извори, продолжуваат со секојдневни прекршувања на прекинот на огнот преку гранатирање и пукање, при што од стапувањето во сила на договорот се убиени 650 Палестинци, а 1.732 се повредени.
Со поддршка од САД, Израел започна голема воена кампања во Газа на 8 октомври 2023 година, која траеше две години и резултираше со повеќе од 72.000 убиени Палестинци и речиси 172.000 повредени, додека околу 90 отсто од цивилната инфраструктура на територијата е уништена.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
