Палестинско семејство го дочекува ифтарот на урнатините од својот дом во Газа
- Израелските напади, кои предизвикаа огромно уништување, принудија околу 2 милиони луѓе од вкупно 2,3 милиони жители на Појасот Газа да ги напуштат своите домови
ГАЗА (АА) - Во градот Кан Јунис, во јужниот дел на Појасот Газа, врз остатоците од она што некогаш го нарекувале дом, палестинското семејство Халеф ја води својата секојдневна битка за опстанок. Во пресрет на зајдисонцето, кога молитвата го означува крајот на постот, нивната трпеза за ифтар се поставува на урнатините на нивниот дом, пишува Анадолу.
Во тешките бомбардирања што Израел ги спроведува повеќе од две години, почнувајќи од октомври 2023 година, животот го загубија над 72.000 Палестинци, додека приближно 172.000 лица се повредени.
Израелските напади, кои предизвикаа огромно уништување, принудија околу 2 милиони луѓе од вкупно 2,3 милиони жители на Појасот Газа да ги напуштат своите домови.
Иако израелската војска се повлече зад таканаречената „Жолта линија“ како дел од првата фаза на договорот за прекин на огнот, што стапи на сила на 10 октомври минатата година, таа и понатаму окупира околу 50 отсто од Појасот Газа и често нишани кон подрачјата од кои се повлече.
И покрај тоа што се изминати 5 месеци откако договорот за прекин на огнот стапи на сила, Владата на Тел Авив продолжува да ја ограничува хуманитарната помош кон Газа и продолжува со нападите врз цивилни лица.
Четирикатната куќа на семејството Халеф е делумно уништена во бомбардирањата. Семејството со месеци со сопствени сили се обидува да расчисти тони шут за да дојде до своите лични предмети останати под урнатините.
Шеесет и тригодишната Амине Халеф, која се обидува да го одржи животот во разурнатиот дом во Кан Јунис, ги сподели тешкотиите за дописникот на АА.
Таа посочува дека пристапот до храна и основни потреби е сè потежок. Пред војната, тие заедно со многуте деца живееле заедно во пространата куќа, но по бомбардирањето нивните животи целосно се промениле.
Халеф, нагласувајќи дека се обидуваат да преживеат во објект кој е во опасност од уривање, изјави дека пристапот до основните прехранбени производи во Газа станал исклучително тежок и дека на пазарите речиси и да нема никакви производи.
„Одиме на пазар, но нема месо, нема домати, нема речиси ништо. Велат дека граничните премини се отворени и дека влегуваат производи, но ние на пазарот не наоѓаме ништо“, вели Халеф.
Бидејќи во Газа нема огрев ниту гас за готвење, децата се принудени на улиците да собираат пластика и други материјали за горење за да можат да подготват оброк.
Халеф, која вели дека мора да носи вода секое утро, забележа дека нивните услови за живот се влошуваат прогресивно.
„Секое утро ги испраќаме децата да собираат најлон за да можеме да зготвиме јадење. Наместо да одат на училиште, децата собираат предмети од улиците што ќе ни послужат за да запалиме оган. Јас, како постара жена, секое утро носам вода на моите раменици.“
- „Порано имавме дом како палата, сега ифтарската трпеза ни е врз камења“ -
Халеф, која истакна дека пред војната, како многучлено семејство, живееле во нивната четирикатна куќа, рече дека по бомбардирањата нивните животи целосно се промениле.
Потсетувајќи се на времињата пред војната, Амине Халеф со тага вели:
„Пред војната живеевме рајски живот. Нашата куќа беше на четири ката и децата живееја тука со своите семејства. Немавме проблем со гас за готвење, ништо не ни недостасуваше. Поради војната, сè ни беше срамнето со земја.“
Раскажувајќи дека нивните рамазански ифтари сега се одвиваат среде правот на нивниот дом, Халеф со тага истакна: „Пред војната, нашиот ифтар го дочекувавме во дом што ни беше како палата. Денес, нашата ифтарска трпеза е распослана врз урнатините и камењата.“
