Израелска делегација разговараше во Египет за враќањето на последниот заложник од Газа
- Од Египет или медијаторите немаше коментар за израелската изјава
ЕРУСАЛИМ / ИСТАНБУЛ (АА) - Израелска делегација денес во Египет се состана со медијаторите за договорот за прекин на огнот во Газа, разговарајќи за враќањето на последниот израелски заложник од енклавата, известува Анадолу.
Во соопштението од канцеларијата на премиерот Бенјамин Нетанјаху се вели дека делегацијата, предводена од националниот координатор за заложници и исчезнати Гал Хирш, разговарал со медијаторите за враќањето на телото на израелскиот војник Ран Гвили од Газа, според договорот за прекин на огнот.
„На крајот од разговорите беше договорено да се фокусираме на интензивен и непосреден напор што ќе доведе до целосно завршување на мисијата во врска со заложниците и исчезнатите“, објави канцеларијата на израелскиот премиер.
Немаше непосреден коментар од Египет или од други посредници за израелската изјава.
Договорот за прекин на огнот е на сила во Газа од 10 октомври, со посредство на Турција, Египет и Катар, поддржан од САД.
Првата фаза од договорот вклучува ослободување на израелските заложници во замена за палестински затвореници. Планот, исто така, предвидува обнова на Газа и воспоставување нов управувачки механизам без Хамас.
Израел го поврзува почетокот на преговорите за започнување на втората фаза од договорот за прекин на огнот со примањето на телата на сите свои заробеници. Тврди дека останките на еден израелски заробеник сè уште се во Газа, а Хамас вели дека ги предал сите 20 израелски заложници што биле живи и останките на сите 28 починати.
Израел уби повеќе од 70.000 Палестинци, повеќето жени и деца, а повреди речиси 171.000 во нападите врз Газа од октомври 2023 година.
