Две деца меѓу петте жители на Газа убиени во израелските напади по заканата од Нетанјаху
Две деца беа меѓу жртвите во нападите чија цел беа шаторите во кои се засолнуваа раселените цивили во бегалски камп во областа Ал-Маваси во Кан Јунис
ГАЗА/ПАЛЕСТИНА (АА) - Петмина Палестинци се убиени, а неколкумина се повредени во израелските напади во јужниот дел на Појасот Газа синоќа, што претставува ново прекршување на прекинот на огнот, велат медицински извори за Анадолу.
Две деца беа меѓу жртвите во нападите чија цел беа шаторите во кои се засолнуваа раселените цивили во бегалски камп во областа Ал-Маваси во Кан Јунис, соопштија изворите.
Неколку шатори се запалија по нападите, јави новинарот на Анадолу.
Нападите се случија кратко откако израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се закани дека „соодветно ќе одговори“ на повредите на војниците во судирите со палестинските борци во Рафа.
Армијата рано утринава соопшти дека пет војници се повредени во размена на оган со палестински борци кои наводно излегле од подземни тунели во источна Рафа.
Израелската Армија тврди дека нападите биле насочени кон висок претставник на Хамас во Рафа.
Според извештаите на израелските медиуми, околу 200 борци на Хамас се заробени во подземните тунели во Рафа, а Тел Авив сè уште не одговорил на барањата на Хамас и медијаторите да им овозможи безбеден премин до областите под контрола на групата.
Хамас ги осуди израелските напади во Кан Јунис како „бесрамно воено злосторство, непочитување на договорот за прекин на огнот и бесрамен обид за избегнување на обврските на Израел“.
Додаде дека го смета Израел за целосно одговорен за последиците од оваа ескалација и ги повика медијаторите и земјите гаранти да го принудат Нетанјаху и неговата Влада да ги запрат своите „злосторства“ и да се придржуваат до договорот.
Хамас претходно изјави дека нема никаква врска и ја изгубил комуникацијата со борците заробени во Рафа, потврдувајќи го целосното почитување на договорот за прекин на огнот, кој стапи на сила на 10 октомври.
Првата фаза од договорот за прекин на огнот вклучува ослободување на израелските заложници во замена за палестински затвореници. Планот, исто така, предвидува обнова на Газа и воспоставување нов управувачки механизам без Хамас.
Израел уби повеќе од 70.000 Палестинци, претежно жени и деца, а повредени се речиси 171.000 во нападите во Газа од октомври 2023 година.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
