свет

Израелската Армија уби 20 Палестинци кај пункт за дистрибуција на помош во Газа

Ahmed Asmar  | 11.06.2025 - Обновена : 12.06.2025
Израелската Армија уби 20 Палестинци кај пункт за дистрибуција на помош во Газа

Ankara

АНКАРА (АА) – Израелската Армија денес уби уште 20 Палестинци во близина на пункт за дистрибуција на хуманитарна помош поддржан од Израел во централниот дел на Појасот Газа, додека продолжува израелската офанзива врз опколената палестинска енклава, јавува Анадолу.

Повикувајќи се на медицински извори, официјалната палестинска новинска агенција „Вафа“ објави дека 20 лица биле убиени, а десетици други повредени во израелски оган во областа на коридорот Нецарим, каде што се наоѓа пунктот за дистрибуција на помош.

Канцеларијата за медиуми на локалните власти во Газа вчера соопшти дека израелската Армија убила над 160 Палестинци кои се обидувале да добијат хуманитарна помош од пунктовите за дистрибуција на помош поддржани од Израел, откако механизмот беше воведен на 27 мај.

Овој механизам доби остри критики и беше одбиен од меѓународната заедница, вклучително и од ОН.

Во меѓувреме, израелската Армија уби уште четворица Палестинци во напад со беспилотно летало врз шатор за раселени лица во областа Ал-Маваси кај градот Кан Јунис, на јужниот дел на Појасот Газа.

Израел, отфрлајќи ги меѓународните повици за прекин на огнот, спроведува катастрофална офанзива во Газа од октомври 2023 година, при што се убиени речиси 55.000 Палестинци, повеќето жени и деца.

Во ноември минатата година Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант поради воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.

Израел е обвинет за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.