Во Струга отворен Генерален конзулат на Албанија
- „Отворањето на Конзулатот во Градот на поезијата нема да претставува само институционално присуство, туку и силен мост на комуникација меѓу две пријателски и соседни држави, како и симбол на блискост, заемно разбирање и соработка“, изјави Муцунски.

СКОПЈЕ (АА) - Со свечена церемонија во Струга, денес беше отворен Генерален конзулат на Република Албанија, како уште една потврда на блиските односи и заемната посветеност меѓу Северна Македонија и Албанија на патот кон заедничките евроатлантски цели, јавува Анадолу.
На настанот присуствуваа министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски и неговиот албански колега Игли Хасани, како и првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, заменик-министерот за правда Ален Деребан и други официјални претставници.
Министерот Муцунски истакна дека Албанија е сосед, регионален партнер во НАТО и сојузник, а односите меѓу двете земји се засноваат на доверба, почит и стратешка соработка.
„Отворањето на Конзулатот во Градот на поезијата нема да претставува само институционално присуство, туку и силен мост на комуникација меѓу две пријателски и соседни држави, како и симбол на блискост, заемно разбирање и соработка“, изјави Муцунски.
Тој додаде дека Конзулатот ќе им овозможи на граѓаните полесен пристап до конзуларни услуги и подобра поврзаност со институциите, што е значајно за оние кои се движат преку границите поради семејни врски, бизнис или туризам.
„Ова ќе придонесе за засилен економски и туристички развој и поголема културна размена“, нагласи тој.
Министерот за надворешни работи на Албанија, Игли Хасани, посочи дека отворањето на Конзулатот не е само дипломатски потег, туку јасен показател за посветеноста на неговата земја да биде поблиску до своите граѓани и да ја продлабочи билатералната и регионалната соработка.
„Овој конзулат нема да биде само канцеларија за документи, туку функционален мост меѓу државата Албанија и нејзините граѓани, просторија што ги приближува услугите и ја потврдува институционалната грижа“, рече Хасани.
Тој најави дека конзуларните услуги ќе бидат проширени и на други региони, како Охрид, Битола, Кичево, Дебар, Ресен и други региони, со цел полесен пристап кон услугите и поврзаноста на албанските заедници со својата матична држава.
Претходно, министрите Муцунски и Хасани одржаа билатерална средба во Охрид, при што разговараа за унапредување на добрососедските односи и продлабочување на соработката во сите области од заемен интерес.