свет

ЕУ: Израелските населби се нелегални и мора да бидат запрени

Израел во рок од два дена го одобри планот за изградба на околу 5.000 дома за еврејските доселеници на окупираниот Западен Брег. Оваа одлука доаѓа по постигнатите договори за нормализација на односите со ОАЕ и Бахреин.

Ömer Tuğrul Çam   | 16.10.2020
ЕУ: Израелските населби се нелегални и мора да бидат запрени

БРИСЕЛ - Европската Унија (ЕУ), реагирајќи на давањето дозвола од страна на Израел за изградба на нови населби на окупираниот Западен Брег, упати барање за запирање на сите тековни проширувања на населбите, јавува Агенција Анадолија (АА).

Жозеп Борел, високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската Унија (ЕУ), изјави дека Израел последните денови објавил дека значително ќе се прошират населбите на Западниот Брег и Ерусалим и неговата околина.

Наведувајќи дека плановите кои предвидуваат изградба на приближно 5.000 дома за еврејските доселеници го загрозуваат постоењето на палестинската држава, што ќе биде резултат на идното решение за две држави, Борел го истакна следното:

„Населбите се нелегални според меѓународното право. Како што постојано изјавуваше, ЕУ нема да прифати какви било промени во границите, освен оние што се договорени од засегнатите страни пред 1967 година, вклучувајќи го тука и Ерусалим. Активностите околу населбите ги загрозуваат тековните напори насочени кон градење доверба врз потребната основа за континуирана граѓанска и безбедносна соработка и значајни, директни преговори меѓу Палестинците и Израелците. Израелската Влада мора да ги повлече овие одлуки и да ги запре сите тековни проширувања на населбите во Источен Ерусалим и чувствителните области како што се Хар Хома, Гиват Хаматос и Е1.“

Покрај тоа, Борел, истакнувајќи дека во периодот од март до август е зголемен бројот на уништени или запленети палестински објекти на Западниот Брег, додаде: „ЕУ го повторува својот повик до Израел да престане со овој вид рушења.“

Израелските власти во рок од два дена го одобрија планот за изградба на околу 5.000 дома за еврејските доселеници на окупираниот Западен Брег. Привлекува внимание фактот дека Израел продолжи со активностите за изградба и проширување на еврејските населби на Западниот Брег по постигнатите договори за нормализација на односите со Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и Бахреин.

Според податоците на израелската организација за човекови права „Мир сега“, на окупираните територии на Источен Ерусалим има 13, а на Западниот Брег, 253 нелегални еврејски населби. Повеќе од 650.000 еврејски доселеници кои живеат на овие места, уште повеќе им го отежнуваат животот на Палестинците кои живеат под окупација. Според меѓународното право, сите еврејски населби лоцирани на окупираните територии се сметаат за нелегални.



На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın