Пакистански извори за потенцијални преговори меѓу САД и Иран: Се очекува пресврт во рок од 48 часа
„Во тек се напори од страна на Пакистан, Турција и Египет за придобивање на сите засегнати страни, пред сè Иран, кој сè уште е воздржан да одржи преговори без одредени гаранции“
КАРАЧИ (АА) – Се очекува „пресврт“ во рок од 48 часа во врска со потенцијалните преговори меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Иран за завршување на тековната војна, но Техеран е „сè уште воздржан“ да се приклучи на предложените преговори без „одредени гаранции“, изјавија за Анадолу денес извори од пакистанското Министерство за надворешни работи.
„Во тек се напори од страна на Пакистан, Турција и Египет за придобивање на сите засегнати страни, пред сè Иран, кој сè уште е воздржан да одржи преговори без одредени гаранции“, изјави официјален претставник на Министерството.
Највисокото пакистанско раководство, вклучувајќи ги премиерот Шехбаз Шариф и министерот за надворешни работи Ишак Дар, се во „постојан“ контакт со иранското раководство со цел да го убедат да се приклучи на преговорите, тврди официјален претставник кој зборуваше под услов да остане анонимен бидејќи немал овластување официјално да дава изјави поради чувствителноста на прашањето.
Официјалниот претставник изјави дека Техеран „сè уште останува на своите барања“, барајќи гаранции дека во иднина нема да има воени операции против Иран, дека неговата ракетна програма нема да биде дел од преговорите и дека Техеран ќе биде обесштетен за загубите „предизвикани“ од САД и Израел.
Шариф вчера изјавил дека Исламабад е „подготвен“ да биде домаќин на „значајни и убедливи“ преговори меѓу САД и Иран за „сеопфатно решение“ со цел завршување на војната на Блискиот Исток.
Началникот на пакистанската Армија, генерал Асим Мунир, во неделата, исто така, разговараше со американскиот претседател Доналд Трамп за тековната војна, при што оваа јужноазиска земја предложи да биде домаќин на можен самит меѓу високи претставници на администрацијата на Трамп и ирански официјални лица како дел од нејзините дипломатски напори.
- Преговорите би можеле да имаат поширок опсег -
Шариф во понеделникот разговараше со иранскиот претседател, Масуд Пезешкијан, повикувајќи на колективни напори за деескалација и враќање на дијалогот и дипломатијата меѓу соседните земји за решавање на нивните разлики.
Рафаел Гроси, шефот на Меѓународната агенција за атомска енергија, денес изјави дека очекува САД и Иран да се сретнат за преговори овој викенд во Исламабад, додавајќи дека преговорите веројатно ќе имаат поширок опсег.
Во изјава за италијанскиот дневен весник „Кориере дела сера“, Гроси рече дека се очекува дискусиите да ги опфатат ракетите, милициите поврзани со Иран и безбедносните гаранции за Техеран: „Овој пат тема ќе бидат и ракетите, милициите сојузници на Исламската Република, како и безбедносните гаранции за Иран“, изјави тој.
Претходно, извори во Исламабад за Анадолу рекоа дека американската делегација треба да пристигне во Пакистан оваа недела.
Во американско-израелските напади врз Иран од 28 февруари досега се убиени над 1.340 лица, меѓу кои и тогашниот врховен лидер, Али Хамнеи.
Техеран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон Израел, како и кон Јордан, Ирак и земјите од Персискиот Залив каде што се стационирани американски воени бази, предизвикувајќи жртви и штети на инфраструктурата, истовремено нарушувајќи ги глобалните пазари и авиосообраќајот.
Најмалку 13 американски војници загинаа, додека десетици се ранети за време на тековниот конфликт.
