Бура носи опасност од поплави во Газа, загрозувајќи ги старите шатори во кои се сместени стотици илјади Палестинци
- Ситуацијата на стотиците илјади раселени Палестинци во Појасот Газа се влошува, откако во раните утрински часови денес пристигна дожд со ладен воздух, а властите предупредуваат на ризик од поплави и колапс на старите шатори и засолништа
ГАЗА/ИСТАНБУЛ (АА) - Ситуацијата на стотиците илјади раселени Палестинци во Појасот Газа се влошува, откако во раните утрински часови денес пристигна дожд со ладен воздух, а властите предупредуваат на ризик од поплави и колапс на старите шатори и засолништа, јавува Анадолу.
Палестинската метеоролошка служба соопшти дека Палестина е под влијание на систем со низок притисок проследен со релативно ладна до ладна воздушна маса и обилни врнежи од дожд, понекогаш со грмотевици.
Цивилната одбрана на Газа издаде серија итни препораки и предупредувања до жителите, особено до раселените во шатори, повикувајќи ги да преземат неопходни мерки за заштита од поплави и рушења.
Цивилната одбрана во соопштение ги повика Палестинците да ги обезбедат своите шатори, особено во крајбрежните области изложени на силни ветрови, и да градат песочни бариери за да го спречат продорот на морска вода во шаторите.
Службата нагласи и дека е важно да се држат настрана од згради што биле тешко бомбардирани и повеќе не се погодни за живеење, „поради опасност од нивно потенцијално уништување под дејство на дождот и можно уривање врз жителите“.
Цивилната одбрана на Газа исто така предупреди да не се палат огнови внатре во шаторите или блиску до пластични материјали и ткаенини за да се избегне ризик од пожари, како и да се отворат „земјени канали и дренажи помеѓу шаторите за да се спречи поплавување од дождовите“.
Раселените семејства стравуваат од влијанието на невремето и можноста нивните шатори и ограничени основни средства да бидат поплавени, при што би се повторило сценариото од претходните две сезони на дождови, кои се случија за време на израелските напади.
Во последните две години, нивните шатори биле и однесени или оштетени од силните ветрови, што ја влошило нивната ситуација поради недостиг од алтернативи или заштитни мерки.
Поради временските услови и штетата од израелските бомбардирања, медиумската канцеларија на Газа проценува дека 93 % од сите шатори за раселени лица повеќе не се погодни за живеење – 125.000 од вкупно 135.000 шатори.
Алтернативи во енклавата остануваат недостапни поради израелските ограничувања за влез на хуманитарна помош.
Властите велат дека Израел го крши хуманитарниот протокол од договорот за прекин на огнот постигнат минатиот месец, вклучително и со блокирање на влезот на материјали за засолниште како што се шатори и мобилни куќи.
Првата фаза од договорот за прекин на огнот, врз основа на планот од 20-точки на американскиот претседател Доналд Трамп, предвидува ослободување на израелски заложници во замена за палестински затвореници, како и реконструкција на Газа и формирање нов механизам за владеење без Хамас.
Израел уби повеќе од 69.000 луѓе, претежно жени и деца, во Газа од октомври 2023 година и ја претвори во урнатини.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
