свет

Бројот на загинати во пожарот во станбен комплекс во Хонгконг се зголеми на 55, исчезнати се 279 лица

- Пожарот избувнал околу пладне во комплекс со повеќе од 1.900 станови и се проширил со голема брзина поради скеле од бамбус поставено околу зградите за време на реновирање.

Saadet Gökce  | 27.11.2025 - Обновена : 27.11.2025
Бројот на загинати во пожарот во станбен комплекс во Хонгконг се зголеми на 55, исчезнати се 279 лица

ИСТАНБУЛ (АА) – Бројот на загинати во пожарот што избувна вчера во станбениот комплекс од осум згради во округот Таи По во Хонгконг се искачи на 55 лица, додека 279 сè уште се водат како исчезнати, јавува Анадолу.

Пожарот избувнал околу пладне во комплекс со повеќе од 1.900 станови и се проширил со голема брзина поради скеле од бамбус поставено околу зградите за време на реновирање.

Според пожарникарите, досега загинале 55 лица, меѓу кои и еден пожарникар.

Од 68-те повредени лица кои беа однесени во болница, 16 се во критична состојба, додека 25 се во сериозно загрозувачка состојба.

Од седумте згради што беа зафатени од огнот, во три пожарот е ставен под контрола, додека во четири и понатаму траат интервенциите.

Во комплексот се проценува дека домуваат околу 4.000 жители.

Властите наведуваат дека 279 лица сè уште се водат како исчезнати и дека екипите продолжуваат со интензивни операции за гаснење и пребарување.

Полицијата приведе три лица, двајца менаџери и еден консултант-инженер од градежната компанија што го спроведува реновирањето, под сомнение за „убиство од небрежност“.

Властите велат дека скелето од бамбус поставено за реновирање и материјалите од пенеста пластика што ги покриваат прозорците значително придонеле за брзото ширење на пожарот.

„Имаме причина да веруваме дека одговорните во компанијата покажале сериозна небрежност, што овозможи пожарот брзо да се прошири и да предизвика многу жртви“, изјави вишата надзорничка Ајлин Чунг Лаи-и.

Министерот за безбедност на Хонгконг, Крис Танг, истакна дека првичните наоди укажуваат на „невообичаена брзина“ на ширење на огнот, главно поради изолацискиот материјал.

„Откривме дека материјалот што ги покрива ѕидовите на зградата, мрежата околу скелето и водоотпорната церада предизвикале ширење на пламенот многу побрзо отколку што би се случило со материјали што ги исполнуваат безбедносните стандарди“, истакна тој.

Првпат по 17 години, властите издадоа аларм за пожар од петто ниво – највисокото на скалата од пет степени.

Властите објавија дека два соседни комплекси се евакуирани, а околу 900 жители погодени од пожарот се засолниле во осум привремени објекти.

На местото на настанот беа распоредени повеќе од 140 противпожарни возила и над 800 лица од службите за итни случаи и пожарникари.

Министерството за сообраќај соопшти дека патиштата во областа се затворени поради пожарот.

Кинескиот претседател Си Ѓинпинг изрази сочувство до властите во Хонгконг и наложи Канцеларијата за работи со Хонгконг и Макао во Пекинг да даде поддршка во справувањето со кризата.

Шефот на извршната власт на Хонгконг​​​​​​​, Џон Ли Ка-чиу, изрази длабоко жалење за големиот број жртви и повредени, упатувајќи сочувство до семејствата и желби за брзо закрепнување на повредените. Тој свика итен состанок на Кабинетот за координација на одговорот на катастрофата.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.