Бранот штрајкови продолжува во Белгија
- Втор ден од штрајкот поради владините политики за штедење
БРИСЕЛ (АА) - Јавните услуги и транспортот се запрени во Белгија и вториот ден од тридневниот штрајк што го започнаа работниците во знак на протест поради владините мерки за штедење, известува Анадолу.
На повик на сите белгиски синдикати, работниците започнаа тридневен штрајк, наречен „Ноемвриски повик“, во знак на протест поради планираните намалувања на социјалните трошоци на федералната Влада за невработеност и пензиите.
Како дел од штрајковите, голем дел од вработените во училиштата, градинките, болниците и општините денес отсуствуваат од работа. Поради тоа, јавните услуги низ целата земја се во застој.
Наставата во училиштата е прекината, а некои услуги во болниците не се во функција. И поштенските услуги се прекинати низ целата земја.
Во штрајкот во голем обем учествува и транспортниот сектор. Железничките услуги се намалени низ целата земја.
- Автобускиот превоз е прекинат во Брисел
Вработените во компанијата за јавен превоз во Брисел се вклучија во штрајкот, целосно откажувајќи ги автобуските услуги и голем дел од метро и трамвајските услуги во главниот град.
Вработените во компаниите за јавен превоз во фламанскиот и валонскиот регион на Белгија, исто така, учествуваат во штрајкот, со што се проширија проблемите со транспортот низ целата земја.
Транспортот особено негативно влијаеше првиот ден од штрајкот. Утре ќе се одржи генерален штрајк што ќе ги опфати сите сектори во земјата.
Поради штрајкот, во кој ќе учествува и персоналот на аеродромите во Брисел и Шарлроа, за утре се откажани сите летови од аеродромот „Шарлроа“ и сите полетувања од аеродромот во Брисел.
Белгиската Влада, која ја презеде функцијата во февруари и ја предводи премиерот Барт де Вевер, има цел да спроведе мерки за намалување на „екстремно високиот“ јавен долг на земјата, кој надминува 100% од БДП.
Синдикатите остро ги критикуваат планираните намалувања на социјалните трошоци на Владата и мерките за штедење што ги спроведува. Ова доведе до голем број штрајкови во Белгија во текот на целата година, приземјување на летови и го наруши нормалниот тек на животот.
