Судењето за трагедијата во Кочани ќе продолжи на 2 декември
- На денешното рочиште судијката Диана Груевска Илиевска кажа дека планираното рочиште за утре се отповикува.
СКОПЈЕ (АА) - Судењето за случајот со трагичниот пожар што се случи во ноќен клуб во март годинава во Кочани ќе продолжи на 2 декември, јавува Анадолу.
На денешното рочиште судијката Диана Груевска Илиевска кажа дека планираното рочиште за утре се отповикува.
„Судот во овој момент ќе ја прекине постапката, но наедно и ја отповикува наредбата за главна расправа за 26 ноември, со оглед да е потребно да се повикаат и другите оштетени и законски застапници на оштетените“, рече таа.
Таа извести дека наредното рочиште ќе се одржи на 2 декември.
Судијката информираше дека Судот ги прифаќа приговорите на дел од бранителите дека обвинението интегрирано со листата на докази не е доставена до обвинетите и дека во текот на денешниот и утрешниот ден Судот ќе изврши достава до сите обвинети.
Порано дел од одбраната реагираше дека не го добиле изменетото обвинение.
Судењето се одвива под засилени безбедносни мерки. Покрај обвинетите присутни се и роднини на настраданите во несреќата.
Во случајот се опфатени 37 обвинети, 34 физички лица и три правни лица што се обвинети за тешки кривични дела против јавната безбедност.
Меѓу обвинетите се сопственици на локали, менаџери, инспектори, поранешни министри, поранешни градоначалници, обезбедувачи и државни службеници.
Во раните утрински часови на 16 март, во ноќен клуб во градот Кочани избувна пожар од пиротехнички средства за време на вечерна забава, при што загинаа 63 лица, а околу 200 беа повредени.
Истрагите по инцидентот открија дека објектот работел со лажна лиценца и со години без да ги исполнува потребните стандарди.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
