Adnan Idriz
03 Август 2021•Ажурирај: 05 Август 2021
Пожарот околу градот Кочани е под контрола. Останува да дежураме со противпожарните едници за да го локализираме пожарот, изјави градоначалникот на Кочани Николчо Илијев кој во придружба на премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев, е на терен, јавува Агенција Анадолија (АА).
Во изјава за медиумите , Илијев информираше дека во пожарите се изгорени две куќи, но дека е спречено ширењето на пожарот кон централното градско подрачје.
Градоначалникот Илијев рече дека од сувата трева и од силниот ветер пожарот се ширел на територијата на Кочани.
„Официјалните органи ќе дадат информации како настанал пожарот, најважно е граѓаните да знаат дека се во сигурни раце. Ова е порака која треба силно да ја пратиме, сѐ што треба ќе направиме”, изјави Илијев.
„Пред нас имаме и друг пожар тоа е во планинскиот дел за сега приоритет ни е градот и населените места”, додаде тој.
Премиерот Заев изјави дека сите се здружени и прават се што е во можност за да се стават пожарите под контрола, како и дека приоритет се човечките животи.
„Имаме девет луѓе кои вдишале чад и се на лекување во болницa. Материјалните добра државата ќе најде начин да ги надомести. Солидарноста во државата и целиот систем преку Центарот за управување со кризи и Дирекцијата за заштита и спасување со пртовипожарните единици функционираат”, изјави Заев.
Меѓу останатото, тој информираше дека на целата територија на државата беснеат 13 пожари, како и дека ќе останат во Кочани за да направат проценки за делување на хеликоптерите на целата територија на државата.
Заев рече дека во гаснењето на пожарите утре ќе помогнат хеликоптери од Бугарија и Србија.
Министерот за здравство на РСМ, Венко Филипче, соопшти дека во пожарот нема повредени лица, но дека околу десетина лица во Кочани побарале помош поради вдишување на чад.