Elena Trenchevska Chekovikj
17 Март 2025•Ажурирај: 20 Март 2025
СКОПЈЕ (АА) – Градоначалникот на Кочани, Љупчо Папазов, поднесе неотповиклива оставка, еден ден по трагедијата во кочанската дискотека во која животот го загубија 59 лица, пренесува Анадолу.
„Во овие најтешки мигови за нашата земја и за мене лично сакам да соопштам дека поднесувам неотповиклива оставка од функцијата градоначалник на Кочани. Оваа загуба е огромна!“, напиша тој во објава на социјалната мрежа Фејсбук.
Рече дека трагедијата ги остави Кочани и Македонија во црнина и ги повика надлежните да ја испитаат одговорноста на сите инволвирани.
„Мора да се истражат сите детали, да се најдат сите пропусти, а сите лица што придонеле за оваа трагедија мора да одговараат. Јас се ставам целосно на располагање на институциите. Иако според закон немав директни надлежности во овој случај, подготвен сум да одговорам на сите прашања за сѐ“, рече Папазов.
Тој додаде дека доколку „постои каква било основа за одговорност кај мене, го повикувам обвинителството да го испита тоа и да постапи во согласност со законите“.
Потсетуваме дека најмалку 59 лица го загубија животот, а околу 155 се повредени во пожар што избувна во дискотека во Кочани за време на забавен настан на музичка група.
Владата на Северна Македонија вчера на вонредна седница по трагедијата во Кочани прогласи седумдневна жалост на територијата на целата држава.