Американскиот државен секретар го поддржа европскиот предлог за спас на иранскиот нуклеарен договор
„Тоа не е совршен договор, но ги опфаќа сите суштински елементи и вклучува тешко добиени компромиси од сите страни“

ХЈУСТОН (АА) - Американскиот државен секретар Антони Блинкен го поддржа предлогот од Европската Унија (ЕУ) за обид да се спаси иранскиот нуклеарен договор, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Доследно е тоа што ние се согласивме со она што тие го изнесоа во март“, рече Блинкен. „Но останува да се види дали Иран е подготвен и способен да оди напред“.
Заедничкиот сеопфатен акционен план (JCPOA) беше воспоставем во 2015 година, но САД се повлече од договорот во 2018 година под раководството на поранешниот претседател Доналд Трамп.
Блинкен посочи дека САД се „подготвени да напредуваат врз основа на она што е договорено“, но надежите за заживување на договорот се неизвесни бидејќи Иран продолжува да ги прекршува своите обврски во рамките на Заедничкиот сеопфатен акционен план и да го зголемува својот нуклеарен арсенал.
„Тоа не е совршен договор, но ги опфаќа сите суштински елементи и вклучува тешко добиени компромиси од сите страни“, истакна шефот за надворешна политика на Европската Унија (ЕУ), Жозеп Борел, кој играше улога на олеснувач на преговорите.
„Треба да се донесат одлуки сега за да се искористи оваа единствена можност за успех, и да се ослободи големиот потенцијал на целосно спроведениот договор. Не гледам друга сеопфатна или ефективна алтернатива на дофат“, додаде тој.
Иран посочи дека е подготвен „да се завршат преговорите во краток рок, доколку другата страна е подготвена да го стори истото“.
„Ние ги споделивме нашите предложени идеи, да го отвориме патот за брзо завршување на преговорите во Виена кои имаат за цел да ја поправат комплицираната ситуација предизвикана од еднострано и незаконско повлекување на САД“, напиша на Твитер иранскиот заменик-министер за надворешни работи, Али Багери Кани, во неделата.
„Ние соработуваме со нашите партнери од Заедничкиот сеопфатен акционен план... за да им дадеме уште една шанса на САД да покажат добра волја и да дејствуваат одговорно“.
Блинкен рече дека „ЕУ го претставила најдобриот предлог заснован на многу, многу месеци дискусии, преговори, разговори“.
„Ние продолжуваме да веруваме... дека ќе биде најдобриот пат напред - враќање на усогласеноста на двете страни со Заедничкиот сеопфатен акционен план, за да се осигураме дека ја враќаме нуклеарната програма на Иран во кутијата и избегнуваме секаков вид на криза“.
Изјавата на Блинкен доаѓа во период кога САД и Израел спроведуваат заеднички воени вежби во Црвеното Море.
Три бродови на Американската морнарица, меѓу кои и мал брод уништувач со ракети воздух-воздух, крстосувачки ракети за копнени напади со долг дострел и торпеда, соработуваат со два израелски брода во заедничките поморски вежби.
„Вежбата е билатерален тренинг помеѓу Петтата флота на САД и Израелските поморски сили која се фокусира на планирање на мисии, поморска превенција и други вежби на море“, се наведува во соопштението на Американската морнарица.