свет

Медиумски извештаи: САД и Израел го одложиле нападот врз Иран за една недела

- Првичниот напад бил планиран за 21 февруари, четири дена по завршувањето на втората рунда преговори меѓу САД и Иран на 17 февруари, кои завршиле без значителен напредок, објави Аксиос

Merve Berker  | 02.03.2026 - Обновена : 02.03.2026
Медиумски извештаи: САД и Израел го одложиле нападот врз Иран за една недела

АНКАРА (АА) - САД и Израел го одложиле планираниот напад врз Иран за една недела поради оперативни и разузнавачки причини, објавија вчера медиумите, пренесува Анадолу.

Првичниот напад бил планиран за 21 февруари, четири дена по завршувањето на втората рунда преговори меѓу САД и Иран на 17 февруари, кои завршиле без значителен напредок, објави Аксиос.

Сепак, одлуката за почеток на операцијата не била донесена.

Американските и израелските претставници како една од клучните причини го навеле лошото време во регионот.

„Во прашање беше временски фактор“, изјавил претставник на администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, додавајќи дека временските услови „повеќе биле грижа на Израелците“, според медиумот.

Втор израелски официјален претставник изјавил дека одложувањето било првенствено иницирано од американска страна и било поврзано со подобра координација со израелската Армија.

Според висок израелски официјален претставник, нападот бил осмислен да ги има за цел иранскиот врховен лидер Али Хаменеи и неговите синови, како и собирите на високи ирански официјални претставници, вклучително и редовниот состанок што се одржува во сабота.

Во текот на еднонеделното одложување, разузнавачките служби наводно изразиле загриженост дека Хаменеи би можел да се премести во подземен бункер.

Еден израелски разузнавачки претставник изјавил дека САД и Израел сакале „да испратат сигнал дека нема да има непосреден напад“, со цел иранските лидери „да се чувствуваат безбедно“.

Одложувањето овозможило да се одржат уште една рунда преговори за нуклеарната програма во Женева во четвртокот.

Американските претставници изјавија дека зетот на претседателот Трамп, Џаред Кушнер, и специјалниот пратеник Стив Виткоф презентирале конечен предлог кој вклучувал 10-годишен мораториум за збогатување на ураниум во Иран, проследен со симболичен капацитет за збогатување и понуда за бесплатно снабдување со нуклеарно гориво за цивилни потреби.

Американски претставник изјавил дека тимот бил „многу јасен“ во врска со можноста за употреба на воена сила доколку Иран го одбие предлогот.

Според Аксиос, иранските претставници ја одбиле понудата.

„Имаше координиран напор за преговори со добра волја, вклучително и во Женева“, изјави американски претставник.

„Но, ништо не произлезе од тоа. И нашите капацитети беа подготвени. Затоа претседателот одлучи да нападне.“

Во заедничката операција на САД и Израел, започната во саботата, според извештаите, убиени се неколку високи ирански официјални претставници, меѓу кои и врховниот лидер, ајатолахот Али Хаменеи.

Техеран возврати со напади со беспилотни летала и ракети насочени кон земји од Заливот. Четворица американски војници се убиени, а петмина други тешко повредени.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.