Umar Farooq
09 Декември 2018•Ажурирај: 09 Декември 2018
ВАШИНГТОН (АА) - Причината поради која Соединетите Американски Држави (САД) станаа толку блиски со Саудиска Арабија се должи на пријателството помеѓу принцот Мухамед бин Селман и Џаред Кушнер, објави американскиот весник „Њујорк тајмс“ (The New York Times), пренесува Anadolu Agency (AA).
„Односот меѓу Џаред Кушнер и Мухамед бин Селман ја претставува основата на политиката на (Доналд) Трамп не само кон Саудиска Арабија, туку и кон регионот“, изјави за весникот, Мартин Индајк, член на Советот за надворешни односи.
„Кушнер, советник на американскиот претседател Доналд Трамп, и Бин Селман, разменуваат директни приватни пораки преку WhatsApp“, објави весникот.
И покрај ограничувањата од страна на Белата куќа за разговорите на советникот на Трамп и негов зет, тие и понатаму продолжиле со разговорите.
Разговорите продолжиле дури и по убиството на Џамал Кашоги.
Кашоги, саудиски новинар и колумнист во американскиот весник „Вашингтон пост“ (The Washington Post) исчезна по влезот во саудискиот Конзулат во Истанбул на 2 октомври.
Откако првично рекоа дека Кашоги излегол жив од Конзулатот, неколку недели подоцна, саудиските власти признаа дека тој бил убиен токму во Конзулатот.
Неколку лица запознаени со ова прашање, за „Тајмс“ истакнаа дека Кушнер, по убиството на Кашоги, во Белата куќа станал најважниот заштитник на саудискиот престолонаследник.
Весникот нагласува дека односот меѓу Кушнер и Бин Селман, зајакнуван во текот на изминатите две години, е фокална точка во наклонетоста на Трамп кон Саудиска Арабија, за потоа да стане еден од најважните сојузници на САД.
По претседателските избори во 2016 година, група саудиски делегати се состанале со Кушнер, и во Ријад соопштиле дека Кушнер бил задоволен од улогата на Саудиска Арабија во борбата против тероризмот, како и со предлогот за размена на разузнавачки информации за борба против екстремизмот.
Делегацијата го поканила Трамп да го посети Ријад, а Кушнер направи напори тоа да се случи неколку недели откако Трамп беше инаугуриран за претседател.
„До моментот на инаугурацијата г. Кушнер веќе тврдеше дека под влијание на принцот Мухамед, Саудиска Арабија би можела да игра улога на стожер во унапредувањето на Мировниот договор за Блискиот Исток“, истакнува „Тајмс“, цитирајќи три лица кои се запознаени со ова прашање.
Посетите на Кушнер во Саудиска Арабија, исто така, се совпаѓаат со потезите на Бин Селман за консолидирање на моќта во кралството.
Откако Кушнер, заедно со Трамп во јуни 2017 година ја посети Саудиска Арабија, Бин Селман го отстрани од функцијата својот братучед, принцот Мухамед бин Најеф, и го замени како престолонаследник. Потоа, неколку дена по следната посета на Кушнер есента, престолонаследникот Мухамед бин Селман притвори 200 члена на саудиското кралско семејство во хотелот „Риц-Карлтон“ во Ријад.
„По секоја игра за превласт, претседателот Трамп јавно го фалеше принцот Мухамед“, истакнува „Тајмс“.
Додека Кушнер продолжува да врши притисок дека САД мора да застанат покрај Бин Селман, несигурно е дали тој може да биде клучот на стратегијата за Блискиот Исток на администрацијата на Трамп.
„Главниот интерес на Кушнер е палестинско-израелскиот конфликт. Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху е семеен пријател на фамилијата Кушнер“, вели „Тајмс“.
„Првичните пристапи (на Бин Селман) кон Палестинците беа отфрлени од страна на нивните лидери, а нивниот отпор се зацврсти откако администрацијата на Трамп го призна Ерусалим како главен град на Израел, без да го почека исходот од преговорите околу статусот на градот“, пишува весникот „Њујорк тајмс“.