наука и технологија

Тим турски научници ја започнаа 10. експедиција на Антарктикот

„Над 200 турски научници спроведоа истражувања на островот изминатата деценија за да ја следат насоката на климатските промени“

Şebnem Coşkun  | 05.02.2026 - Обновена : 05.02.2026
Тим турски научници ја започнаа 10. експедиција на Антарктикот Фото: Şebnem Coşkun/AA

АНТАРКТИК (АА) - Тим турски научници, по долго патување полно со предизвици, пристигнаа на Антарктикот во рамки на 10-тата Национална антарктичка научна експедиција на Белиот Континент, јавува Анадолу.

Експедицијата е организирана под покровителство на Турското претседателство и Министерството за индустрија и технологија, а ја координира турскиот Институт за наука и технолошко истражување и Поларниот истражувачки институт при ТУБИТАК МАМ.

25-члениот тим тргна од Истанбул на пат долг 14.000 километри, преку Бразил и Чиле, и по петдневно патување пристигна на Островот на Кралот Џорџ. Патувањето го означи првиот чекор кон приспособувањето на условите на Антарктикот.

Поради лошите временски услови, тимот се соочи со откажани летови и беше принуден да чека во Пунта Аренас, последната порта до Антарктикот.

По повторно воспоставување на летовите, тимот со чартер-лет пристигна до Аеродромот „Тениенте Марш“, на Островот на Кралот Џорџ, од каде што со бродот „Сола“ го продолжи патувањето.

Тимот на Антарктикот ќе спроведе 14 научни проекти во повеќе дисциплини, првенствено за живиот свет на Белиот континент, како и проекти од физичките, општествените и науките за земјата.

Професорката на Факултетот за морски науки при Универзитетот за технологија, Бурџу Озсој, која е истовремено и координатор на експедицијата, изјави дека тимот е во завршна фаза на патешествието кон Антарктикот.

Откако сите летови биле откажани, последниот лет на кој тимот се обидел да се качи, се откажал поради густа магла која се појавила пред полетувањето, со што тимот успеал да пристигне на островот нa 31 јануари. Меѓу патниците на летот најбројни биле истражувачите од Шпанија, Португалија, Јужна Кореја, Бугарија и Еквадор, а се очекува да пристигнат и истражувачи од Германија, Хрватска, Романија и Грција.

Озсој изјави дека првпат летала кон Антарктикот преку истиот влез на Аеродромот „Пунта Аренас“ во 2006 година, пред точно две децении.

„Денес успеавме да стигнеме до Антарктикот, три дена по предвидениот рок, но сега има лесен ветар и сонце од кои студот не се чувствува толку силно“, рече таа.

Додаде дека ова е нејзина 12. експедиција, но прва во сончеви услови.

„Во време кога климатските промени достигнуваат критична фаза, Турција ја спроведува својата 10. национална експедиција оваа година“, изјави таа. „Над 200 турски научници спроведоа истражувања на островот изминатата деценија за да ја следат насоката на климатските промени.“

Озсој го нарече Антарктикот „црна кутија” на планетата, бидејќи спојувањето на сегашноста и минатото е од висока важност, како и предвидувањето на иднината.

Турскиот амбасадор во Сантијаго, Ахмет Илхан Кизилатан, ја пречека делегацијата на Меѓународниот аеродром во Чиле „Артуро Мерино Бенитез“.

„Десеттата експедиција ги покажува инвестициите на Турција во оваа област и значењето што го придава на истражувањата на Антарктикот“, рече тој.

Кизилатан изјави дека тимот ќе спроведува истражувања во времетраење од еден месец, воедно заблагодарувајќи им се на чилеанските власти за поддршката.

„Ова е научна соработка што двете страни ја почитуваат и претставува важен елемент во односите меѓу Турција и Чиле“, додаде тој.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.