Балкан

Граѓаните се соочуваат со ограничувања на бензинските пумпи во Словенија

Според донесените мерки, на една бензинска пумпа е дозволено да се точи максимум 50 литри гориво дневно по лице и 200 литри по правно и физичко лице кое врши дејност

Kemal Zorlak  | 23.03.2026 - Обновена : 24.03.2026
Граѓаните се соочуваат со ограничувања на бензинските пумпи во Словенија Фото: Ales Beno/AA

ЉУБЉАНА (АА) – Воведувањето на привремено ограничување на точењето гориво, кое стапи на сила на полноќ во саботата кон неделата, предизвика метеж на бензинските пумпи низ цела Словенија. Целта на оваа итна мерка е да се намалат проблемите во снабдувањето со нафтени деривати, но првиот ден од нејзиното спроведување е обележан со редици и доцнења на клучните локации, јавува Анадолу.

Според донесените мерки, на една бензинска пумпа е дозволено да се точи максимум 50 литри гориво дневно по лице и 200 литри по правно и физичко лице кое врши дејност, вклучително и земјоделство. Ограничувањата ќе бидат на сила до понатамошно известување.

Во дистрибуцијата на гориво е вклучена и словенечката Армија, чии припадници ќе помагаат во транспортот и снабдувањето. Властите ги повикаа дистрибутерите да ги координираат испораките од складиштата до бензинските пумпи со цел да се забрза испораката и да се зголеми ефикасноста во снабдувањето.

Трговците со гориво се должни редовно да доставуваат извештаи до Владата за состојбата на бензинските пумпи, врз основа на кои властите ќе одлучуваат за дополнителни мерки.

Премиерот Роберт Голоб соопшти дека се разгледуваат мерки што конкретно би ја ограничиле продажбата на гориво на странски државјани и им е препорачано на трговците да подготват соодветни чекори во таа насока.

Проблемите со снабдувањето се најизразени кај компанијата „Петрол“, која беше критикувана од премиерот, додека од компанијата изјавија дека се вложуваат максимални напори за да се обезбеди стабилно снабдување на мрежата.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın