Средба Муцунски - Кос во Брисел: Владата е целосно мобилизирана за исполнување на ЕУ-реформите
За време на разговорот бил поздравен и напредокот во повеќе клучни иницијативи кои носат директни придобивки за граѓаните и економијата, со акцент на пристапувањето кон Единствената европска платежна област (СЕПА)
БРИСЕЛ (АА) – Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, во рамки на својата работна посета на Брисел, оствари средба со еврокомесарката за проширување, Марта Кос, на која беа разменети мислења за текот на пристапниот процес и реформската агенда на земјата, јавува Анадолу.
Министерството за надворешни работи и надворешна трговија соопшти дека на средбата станало збор за спроведувањето на Планот за раст, при што Муцунски ја нагласил целосната подготвеност на државните институции за реализација на потребните реформи.
„Владата останува целосно ангажирана во остварувањето напредок во интегративниот процес и целосно мобилизирана во исполнувањето на ЕУ-реформите и преземените обврски во рамки на реформската агенда“, истакна Муцунски, поздравувајќи ја притоа конструктивната и отворена соработка со Европската комисија и нејзините служби.
За време на разговорот бил поздравен и напредокот во повеќе клучни иницијативи кои носат директни придобивки за граѓаните и економијата, со акцент на пристапувањето кон Единствената европска платежна област (СЕПА) и процесите за усогласување со европските правила за роаминг.
Во соопштението се додава дека биле разгледани и прашања поврзани со секторската соработка со Унијата, со примарен фокус на економската интеграција и поврзаноста.
Претходно во текот на денот, Муцунски одржа брифинг со претставниците на земјите членки во Работната група за проширување при Советот на Европската Унија (КОЕЛА), на кој ја реафирмираше посветеноста на Владата кон европскиот пат, со фокус на испорачувањето конкретни реформски резултати за подобрување на животот на граѓаните и натамошното усогласување со стандардите на ЕУ.
