политика, Балкан

Муцунски оствари средба со извршната потпретседателка на Европската комисија, Роксана Минзату

На средбата стана збор за унапредување на соработката во областа на образованието, вештините и младинските политики, како и за можностите за натамошно продлабочување на партнерството...

Elena Trenchevska Chekovic  | 24.03.2026 - Обновена : 24.03.2026
Муцунски оствари средба со извршната потпретседателка на Европската комисија, Роксана Минзату Фото: МНРиНТ на РСМ

СКОПЈЕ (АА) - Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, оствари средба со извршната потпретседателка на Европската комисија за социјални права и вештини, квалитетни работни места и подготвеност, Роксана Минзату, пренесува Анадолу.

На средбата, како што соопшти Министерството, бил придружуван од директорката на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Ана Михајлов.

Според Министерството, на средбата станало збор за унапредување на соработката во областа на образованието, вештините и младинските политики, како и за можностите за натамошно продлабочување на партнерството во рамки на европските образовни и мобилни програми.

„Соговорниците ја нагласија заложбата за зајакнување на квалитетот и усогласеноста на образовниот систем со европските стандарди, како и за зголемено учество во програмите „Еразмус+“ и Европската образовна област“, се истакнува во соопштението.

Муцунски престојува во дводневна работна посета на Брисел. Во рамки на првиот ден тој учествуваше на тркалезната маса „Патот кон европското проширување“, во организација на „Пријатели на Европа“, посветена на актуелните политички приоритети поврзани со процесот на проширување, економската и безбедносната соработка, како и на прашањата за постепената интеграција, економската отпорност, поврзаноста и деловната клима во регионот на Западен Балкан.

Во рамки на денешната програма, предвидено е министерот Муцунски, заедно со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, да оствари средба со генералната директорка за земјоделство и рурален развој при Европската комисија, Елизабет Вернер, како и низа средби со пратеници во Европскиот парламент.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.