İstanbul Photo Awards го објави жирито за 2026 година
- И оваа година натпреварот обединува истакнат панел на експерти, меѓу кои добитници на Пулицерова награда и Светска прес-фотографија, реномирани по својата работа во фотографии од категориите спорт, екологија, портрет и конфликт.
ИСТАНБУЛ
İstanbul Photo Awards, престижен меѓународен натпревар за фотографии организиран од Анадолу, денес го објави составот на жирито за 2026 година, јавува Анадолу.
И оваа година натпреварот обединува истакнат панел на експерти, меѓу кои добитници на Пулицерова награда и Светска прес-фотографија, реномирани по својата работа во фотографии од категориите спорт, екологија, портрет и конфликт.
Меѓу истакнатите членови на жирито за 2026 година се фоторепортерката Керол Гузи, Јури Козирев од агенцијата НООР, Горан Томашевиќ, фоторепортер на „Глоуб енд мејл“, Ами Витале, фотограф и филмски автор на „Нешнл џиографик“, Камерон Спенсер, главен спортски фоторепортер на „Гети имиџис“, како и турските фоторепортери Ахмет Сел и Фират Јурдакул.
На жирито во 2026 година ќе му се придружат и Никол Тунг и Мухамед Мухејсен, двајца меѓународно признати автори познати по моќното визуелно раскажување.
Тунг е хонорарна фоторепортерка родена во Хонгконг, со седиште во Истанбул, која соработува со меѓународни медиуми, вклучително и „Њујорк тајмс“, како и со невладини организации. Нејзиното известување главно е фокусирано на Блискиот Исток, со посебен акцент на последиците за луѓето од конфликтите. За својата работа таа ја доби наградата „Филип Џонс Грифитс“ за 2025 година и беше финалист за Пулицеровата награда за фотографија од ударни вести.
Мухејсен е фотограф роден во Ерусалим и двократен добитник на Пулицерова награда.
Во изминатите две децении стекна меѓународно признание со долгорочната работа посветена на бегалците и принудната миграција. Неговиот живот и дело се тема на документарниот филм „Пронаоѓање на светлото“ на „Нешнл џиографик“, а тој е основач и на фондацијата „Секојдневни бегалци“.
Пријавувањето за натпреварот во 2026 година сѐ уште е отворено, а се прифаќаат фотографии во 10 категории, меѓу кои вести, спорт, природа и животна средина, секојдневен живот и портрет. Дозволени се поединечни фотографии и фотографии во серија.
Фотографите може да пријават до четири дела во категориите со поединечни фотографии и до две серии во категоријата серија фотографии при што секоја серија може да содржи најмногу 10 фотографии. Максималниот број на пријавени фотографии по учесник е 120.
Победниците на натпреварот, кој и оваа година е поддржан од „Турксел“ како комуникациски спонзор, ќе бидат избрани на онлајн седница на жирито во март 2026 година.
Повеќе информации за членовите на жирито и условите за пријавување се достапни на официјалната веб-страница: www.istanbulphotoawards.com.
