Балкан

Едно лице загина од лошите временски услови во Албанија, поплави во неколку градови

Ситуацијата со врнежите од дожд и поплавите е најпроблемтична во подрачјата Драч, Скадар, Лежа, Фиер, Берат и Ѓирокастро, каде што се поплавени домови, деловни објекти и земјоделско земјиште

Fatjon Cuka  | 08.01.2026 - Обновена : 08.01.2026
Едно лице загина од лошите временски услови во Албанија, поплави во неколку градови Фото: Olsi Shehu/AA

ДРАЧ (АА) - Последниве денови Албанија е погодена од лоши временски услови, при што обилни врнежи од дожд предизвикаа поплави во неколку градови, а едно лице почина, јавува Анадолу.

Ситуацијата со врнежи од дожд и поплави е најпроблемтична во подрачјата Драч, Скадар, Лежа, Фиер, Берат и Ѓирокастро, каде што се поплавени домови, деловни објекти и земјоделско земјиште.

Во меѓувреме, властите, вклучително и Албанските вооружени сили, ги продолжија своите напори во поплавените подрачја за евакуација на семејствата и отстранување на водата, додека некои области се погодени и од снежни врнежи.

Во соопштение на албанското Министерство за одбрана се наведува дека како резултат на интензивните врнежи од дожд, нивото на реките се зголемило во неколку региони на земјата во последните часови, создавајќи сериозни проблеми, главно поплавување на земјоделски површини и домови, лизгање на земјиште, оштетување на инфраструктурата и блокади на патиштата.

„Структурите за Цивилна заштита и вооружените сили, под координација на Националната агенција за цивилна заштита и Министерството за одбрана, ангажирани се на терен за справување со вонредната состојба, евакуирање на жителите, каде што е потребно, како и минимизирање на штетите“, се вели во соопштението.

- Едно лице загина -

Властите денес наредија евакуација на жителите во неколку области погодени од поплавите.

Во меѓувреме, полицијата во Драч потврди дека 54-годишно лице е пронајдено мртво во одводен канал откако, според полицијата, се сомнева дека било однесено од водотекот.

- Жителите на Драч за Анадолу раскажаа за штетата претрпена од поплавите -

Еден од регионите најпогодени од поплавите е Драч, каде што жителите за Анадолу кажуваат дека ситуацијата е проблематична веќе неколку дена.

Алтин Леши (41), жител на Драч, вели дека неговиот дом е поплавен. „Имаше голема штета, сè што имавме во куќата е уништено. Имаме над 80 сантиметри вода во домот“, вели тој.

Бекташ Шахини (66) е уште еден жител на Драч чиј дом е поплавен од врнежите. Тој вели дека ова е првпат неговата куќа да е поплавена. „Не ни беше дадена никаква шанса бидејќи водата дојде директно до нас и нè блокираше“, вели тој.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın